Фаворитите победија и на Исток и на Запад, можеби единствено Скопје се „лизна“. Тиквеш беше убедлив на гостувањето против Росоман, Брегалница во последен миг дојде до триумф против Победа на Могила, а и Гостивар во финишот го скрши отпорот на Вардар Форино.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 8.коло во Вторите фудбалски лиги.
1. БОЈАН ТИМЕВСКИ (ТЕТЕКС)
Многу важна победа за Тетекс, без примен гол. За тоа најголеми заслуги има чуварот на мрежата кој беше стабилен на голот, имаше неколку одлични интервенции против Кадино.
2. АЛЕКСАНДАР ВАРЕЛОВСКИ (ТИКВЕШ)
Одговорен во одбранбените задачи, брз, модерен и напаѓачки ориентиран. Успеа да постигне и гол во убедливиот триумф над Росоман (0-4). Вареловски е калибар за елитата.
3. АНТОНИО МИТРЕВ (БРЕГАЛНИЦА)
Постигна победнички погодок во судиското продолжение и го продолжи победничкиот чекор на Брегалница. Кога тоа ќе го стори дефанзивец кој секако е цврст и стабилен во одбранбените задачи, тогаш дефинитивно заслужува да биде меѓу најдобрите 11 во колото.
4. ДАРКО СТОЈАНОВ (БРЕГАЛНИЦА)
Стоперскиот тандем на Брегалница се надополнува и во одбраната и во нападот. Искуството го прави своето, Дарко Стојанов постигна прекрасен погодок против Победа, а имаше и „милион“ одлични интервенции во својот примарен дел – одбраната.
5. НАУМЧЕ БАКРАЧЕСКИ (БРЕГАЛНИЦА)
Неуморен на средината на теренот, секоја топка е негова, посебно оние што се ничии и треба да се освојат. Го надополни и отсуството на Анес Османовски кој заработи црвен картон по само дваесетина минути на теренот.
6. ЛАЗАР ПЕЕВ (ТЕТЕКС)
Одличен во средниот ред на „текстилците“, носител на играта, а и стрелец на победничкиот гол.
7. ФИЛИП АЛЕКСОВСКИ (КОРАБ)
Пробивен, брзоног, ниеден противнички фудбалер не би сакал да има работа со него. Покажа дека е и успешен реализатор во тврдиот меч на Кораб на домашен терен.
8. МАЛИЌ БЕЛУЛИ (ГОСТИВАР)
Долго се мачеа гостиварци да го пробијат бедемот на Вардар Форино. Мечот дојде и во „кризен момент“, а тогаш Малиќ Белули го пронајде патот до мрежата. Меч-мејкер за лидерот на Запад, заслужи да се најде меѓу најдобрите единаесетмина.
9. ЃОРЃИ МОЈСОВ (ТИКВЕШ)
Огромен број натпревари има во неговите нозе, сега игра на искуство и рутина, а го знае фудбалот во мал прст. Тој е играч од потег, успеа да подели и асистенции и да постигне гол во убедливиот триумф на Тиквеш.
10. АЉТИН ЛОГА (ВЕЛЕШТА)
Двоен стрелец за тимот, директно заслужен за пресвртот и победата од 2-1. Додаде гас во финишот, постигна два убави погодоци и донесе три бода за Велешта.
11. АНТОНИО БУЈЧЕВСКИ (СЛОГА ВИНИЦА)
Бујче давал голови и на прволигашка сцена, сега е адут на Слога Виница, не дозволи неговиот тим да загуби на гостувањето кај Кит Го.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: РАДЕ ЦИЦМИЛОВИЌ (ТИКВЕШ)
Тиквеш го „прегази“ Росоман. Ќе речете очекувано, со оглед на квалитетите на кавадаречкиот тим, но стратегот секогаш ги бере плодовите на добрата игра на тимот и обратно, прв е одговорен кога нема да оди најдобро. Раде Цицмиловиќ се реши за најдобриот состав, не го потцени ривалот и Тиквеш сигурно мина уште една пречка во Втората лига Исток.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski