Connect with us

Струга ТЛ верува дека може да го елиминира Пјуник

Македонскиот првак Струга Трим Лум вечерва (18 часот) во Ерменија го игра реванш натпреварот против Пјуник од второто квалификациско коло во Конференциската лига. Стружани имаат еден гол предност од првиот меч во Охрид и знаат дека на реваншот ќе мора да бидат уште подобри доколку сакаат да го елиминираат ривалот и да го продолжат патот во Европа.

Тренерот Ќатип Османи е уверен дека неговиот тим може да помине во следната рунда, но само доколку одигра максимално сериозно и го даде максимумот. Само со таков пристап на крајот може да ја оствари целта.

„Предноста од 2-1 од првиот натпревар во Охрид не гарантира ништо на нашиот тим, па ќе мора да го дадеме најдоброто на зелениот терен и на реваншот, за на крајот да обезбедиме пласманот во третото квалификациско коло од Конференциската лига“, вели Османи.

Пјуник покажа дека станува збор за многу добар тим кој не се предава лесно, па според тренерот Османи, мечот можат да го одлучат мали детали.

„Се работи за два тима кои се борат за пласман во следното коло, но, сепак, треба да останеме што е можно помирни и смирено да влеземе во натпреварот. Иако имаме мала предност, тоа не е резултат што ни го гарантира пласманот во следното коло, па секако во овие денови работевме и разговаравме во тој правец, да направиме сè за да се квалификуваме во следното коло“, изјави тренерот на Струга ТЛ.

„Секако дека ги анализиравме фудбалерите на Пјуник и ми оставија впечаток како тактички многу дисциплиниран тим, со поединци кои знаат како да ги решат ситуациите во вистинските моменти. Знаеме дека нѐ очекува тежок натпревар, дуел каде што можеби ќе одлучуваат нијанси и детали“, заврши шефот на стручниот штаб на стружани.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови