Фудбалерот од средниот ред на Шпанија, Родри, повторно беше моторот кој со своите лидерски квалитети им помогна на соиграчите да стигнат до пресврт против Грузија и да се пласираат во четвртфиналето на ЕВРО 2024. Играчот на Манчестер Сити го постигна клучниот израмнувачки гол и ја смири „црвената фурија“, откако противникот неочекувано поведе со 1-0 во 18. минута од осминафиналето во Келн.
За својот одличен настап, тој беше избран за играч на натпреварот.
Шпанија победи со 4-1 и во четвртфиналето го очекува домаќинот на турнирот, Германија. По натпреварот, Родри призна дека неговиот тим бил на пат да ја загуби контролата над натпреварот, па по половина час игра, тој ги повика соиграчите да останат ладнокрвни. Малку подоцна, токму тој го израмни резултатот со одличен удар од работ на шеснаесетникот и го започна пресвртот, кој дојде во второто полувреме со головите на Фабијан Руиз, Нико Вилијамс и на Дани Олмо.
„Ја прекинав играта и сакав да се собереме и да ги повикам соиграчите да останеме ладнокрвни. Почнувавме да ја губиме контролата. Знаевме дека ќе биде сложен натпревар. Гледавме како игра Англија пред нас и кај нив исто така беше многу тешко. Ниту еден натпревар не е лесен, но на крајот мислам дека игравме добро. Германија ќе биде силна дома, но ние не се плашиме. Треба да се претставиме на ниво, но не сме тука за да играме убаво или да оставиме добар впечаток. Наместо тоа, дојдовме да победиме – тоа е менталитетот на овој тим“, изјави Родри по синоќешниот успех.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski