Connect with us

Тиквеш и Воска во голема битка за куп-трофејот: Историјата ги памети победниците

Тиквеш и Воска Спорт вечерва од 19 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе се соочат во 31. финале од Купот на Македонија. За двете екипи ова е историски настан, првпат се дел од големото финале во најмасовното натпреварување. Со оглед на тоа, емоциите се огромни, а желбата да се освои трофејот нема граници.


Тиквеш имаше одлична сезона, заврши на четвртото место на табелата во Првата лига, а тренерот Ѓорѓи Мојсов го доведе тимот и до големото финале.

„Кога сме веќе во финалето, секако дека сме тука и да го освоиме. Нема да бидеме скромни, сакаме да го освоиме пехарот. Верувам дека моите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани и дека ќе ја заокружиме оваа сезона на најдобар можен начин. Победникот може да го реши еден момент, грешка или инспирација на одреден фудбалер“, вели тренерот на Тиквеш.

Капитенот Александар Вареловски вели дека играчите ќе дадат сѐ од себе да му го подарат трофејот на Кавадарци.

„Тиквеш има голема традиција, а сега првпат ќе играме и во финалето на Купот. Ќе дадеме сѐ од себе, па и повеќе од тоа, за да слави цело Кавадарци. Подготвени сме, имаме позитивен притисок и навистина се надевам дека победа во финалето ќе биде круна на успешната сезона“, истакна Вареловски.

Воска Спорт беше дебитант во елитата оваа сезона, успешно се справи со предизвикот, а игра посебно добро откако кормилото го презеде Срѓан Захариевски.

„Тиквеш има голема традиција, иако после толку години првпат кавадарчани стигнуваат до финале. За разлика од нив ние сме млад клуб кој постои неколку години, ова е прва година во Прва лига за Воска и веднаш стигнуваме до историско финале што е голем успех. Првенството го завршивме на посакувано место, па сега одиме да се надигруваме против Тиквеш во Купот на Македонија. Тие се хит во пролетниот дел од сезоната и сакам да им честитам за четвртото место на табелата кое е одлично остварување за Тиквеш. Играат добро, но сепак и ние сме во добра форма, долго време сме без пораз и дојдовме во Скопје да се надигруваме и да го освоиме Купот на Македонија. Еднаш бев учесник во финале како тренер на Металург и загубивме од Работнички. Се надевам дека сега со Воска Спорт ќе бидеме поуспешни и дека ќе ги оствариме нашите цели“, изјави Захариевски.

На голот на Воска ќе биде Костадин Захов. Тој има многу трофеи освоени со Шкендија.

„Очекувам добар натпревар. Тиквеш е квалитетна екипа, играат офанзивен фудбал и заслужено се тука. Ние исто така имаме свои очекувања од мечот за титула. Многу е поинаку од моите претходни искуства во вакви натпревари. Веројатно и многу поголем предизвик. Се надевам дека ќе успееме да стигнеме до пехарот. Блиску сме до пехарот, но треба и да се одигра финалето на најдобар можен начин”, изјави Захов.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови