Connect with us

За Пелистер само три бода се прифатлива разврска против Арсими

Откако стадионот „Петар Милошевски“ ги нагости младинските репрезентации на Македонија и Италија во квалификациите за ЕП 2027, конечно и ФК Пелистер ќе истрча на домашен терен во рамките на петтото коло од Првата македонска фудбалска лига.

Гостин во Битола е екипата на Арсими, а куриозитет претставува тоа што овие два тима во официјални натпревари досега се сретнале само во пониските рангови, поточно во Втората македонска фудбалска лига, во сезоните 2022/23 и 2023/24. Пелистер има позитивна традиција со три победи и едно реми, што само ги подгрева очекувањата на битолската публика, која првпат сезонава ќе има можност да ги бодри своите миленици на стадионот под ридот Тумбе кафе.

„Ова ни е прв натпревар на домашен терен во новата сезона, а дополнителен мотив е вечерниот термин. Арсими е добар тим и сака да се надигрува, но ние очекуваме поддршка од нашите навивачи и полн стадион кој ќе заблеска по неодамнешните инвестиции. За битолската публика сѐ освен три бода ќе биде неуспех, а истото го прифаќаме и ние како играчи. Ветуваме дека ќе го дадеме максимумот, ќе го оставиме срцето на терен и ќе ги освоиме трите бода,“ вели фудбалерот Александар Ристевски.

Очекувано, тренерот Димитар Капинковски е поумерен во изјавите и со респект зборува за досегашните настапи на тимот кој доаѓа во Битола.

„Арсими е нов прволигаш кој се засили со искусни играчи со значајно искуство во нашиот фудбал. Поминаа веќе четири кола и веќе имаме јасна слика дека тоа е тим што заслужува респект – сакаат да се надигруваат и играат допадлив фудбал. Имаат тесни резултати, две нерешени средби и минимални порази од Силекс и Струга, поради што не смеат да се потценат. Сакаат да играат отворен фудбал, но ние ќе се фокусираме на нашата игра. Првпат сезонава ќе играме во Битола пред домашната публика и се надеваме на добра посетеност, силна поддршка и да ги задоволиме вкусовите и очекувањата за еден квалитетен натпревар“, резимира Капинковски.

Во досегашните четири меѓусебни средби на Пелистер и Арсими секогаш имало голови, а таков беше случајот и во првите четири натпревари од ова коло во ПМФЛ, каде што домашните екипи го оправдаа статусот на фаворити. Пелистер моментално има шест бода (две победи и два пораза) и се наоѓа на шестото место на табелата, па со нова победа може да се приклучи кон врвот. Арсими, пак, сѐ уште ја брка првата победа, но има два значајни бода од реми со Шкендија и Башкими.

Натпреварот меѓу Пелистер и Арсими ќе се одигра со почеток во 19 часот и ќе биде последен од петтото коло во ПМФЛ, откако во 15:30 часот ќе се сретнат Струга ТЛ и Тиквеш.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови