Реал Мадрид и Манчестер Сити вечерва го играат реванш натпреварот од полуфиналето во Лигата на шампионите. Во првата пресметка на „Итихад“, двете екипи придонесоа за невиден спектакл, еден од натпреварите што долго ќе се паметат, а Англичаните победија со 4-3 и остварија минимална предност.
Сега сите очекуваат ривалите да приредат нов спектакл на „Сантијаго Бернабеу“, кој ќе го одреди вториот финалист, кој ќе го предизвика Ливерпул во битката за трофејот.
На првиот натпревар Манчестер Сити прикажа неверојатен напаѓачки фудбал. „Граѓаните“ создадоа огромен број гол-шанси, реализираа четири од нив, но можеа и многу поубедливо да победат. Сега постои голема опасност да се каат и за грешките и за трите гола што ги примија на „Итихад“.
Во исто време, Реал Мадрид уште еднаш покажа дека е неверојатен турнирски борец, особено во Лигата на шампионите. Освојувачот на 13 трофеи се чини дека е решен да се бори до последен атом за повторно да игра во финалето и да се обиде да додаде уште една ѕвездичка. Иако го загуби мечот на „Итихад“, сепак, „кралскиот клуб“ успеа да стигне до релативно добар резултат, што му дава реална шанса да бара пресврт вечерва на домашен терен. Единствено за што Шпанците жалат е што веќе не важи правилото за гол на гости, па сега ќе мора да бараат успех со два гола разлика за да одат во финалето.
Друга предност за Реал Мадрид е тоа што тимот веќе официјално ја обезбеди титулата во Ла Лига и може да ги насочи сите сили во Лигата на шампионите. Ова не е случај со Манчестер Сити, а „граѓаните“ мора да останат целосно фокусирани, како на денешниот клучен натпревар, така и на преостанатите четири натпревари во Премиер – лигата, доколку сакаат да успеат во двете натпреварувања.
Сопствениците на Манчестер Сити вложија многу пари и напор во последната деценија за да го направат тимот вистински европски великан, и тоа дефинитивно е факт. На домашна сцена, „граѓаните“ веќе освоија еден куп трофеи, но сепак им недостига европска награда. Болката од загубеното финале лани се уште не е надмината и ова е дополнителен поттик за тимот вечерва да покаже двојно поголема желба да стигне до ново финале и да направи нов обид за кревање на трофејот.
Од друга страна, Реал Мадрид долго време е „кралот“ во Лигата на шампионите. Ова е 31. полуфинале за клубот во ова натпреварување. Меѓутоа, интересен факт е дека „кралскиот клуб“ никогаш не се пласирал во следната рунда кога го загубил својот прв полуфинален судир. Ова се случило осумпати и во сите осум случаи тимот испадна во оваа фаза.
Ова ќе биде осми натпревар меѓу двете екипи, а Манчестер Сити има блага предност од три победи, две нерешени и два порази.
Во составот на домаќините, големиот проблем е поврзан со Давид Алаба. Австриецот не успеа да се опорави навреме. Винисиус Жуниор, Тони Крос и Ферлан Менди добија пауза во текот на викендот, но се очекува да се вратат во стартниот тим.
Пеп Гвардиола има многу повеќе главоболки во одбраната. Кајл Вокер и Џон Стоунс се повредени и сигурно ќе го пропуштат натпреварот вечерва. На нив можеме да го додадеме и Нејтан Аке, кој беше принудно заменет на мечот со Лидс Јунајтед викендов. Добра вест е враќањето на Жоао Кансело, кој ја пропушти првата пресметка поради казна.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal