Connect with us

Во Англија ја открија причината зошто Рашфорд падна во втор план кај Рубен Аморим

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, се најде во немилост на новиот менаџер Рубен Аморим и тоа е една од најсериозните одлуки донесени од новиот тренер на тимот. Рашфорд беше изненадувачки изоставен од составот на „црвените ѓаволи“ пред градското дерби против Манчестер Сити и на крајот пропушти четири последовни натпревари. Тој беше вратен во составот, но остана неискористена резерва против Њукасл, што значеше негово петто последовно отсуство без физички проблеми.


Дотогаш не беше позната причината за неговото изоставување, иако Аморим неколку пати нагласи дека тоа е негова лична одлука.

Сега, авторитетното издание „Атлетик“ изнесува повеќе детали за случајот. Според нив, на 1 декември, по натпреварот со Евертон, Аморим добил информација дека Рашфорд бил на ножна забава на 29 ноември, помалку од 48 часа пред мечот. Португалскиот тренер им соопштил на играчите дека не сака да излегуваат пред натпреварите. Се одржал разговор меѓу двајцата, но Рашфорд го отфрлил обвинението, велејќи дека е погрешно информиран.

Само две недели подоцна, на последниот тренинг пред дербито против Манчестер Сити, Рашфорд повторно бил слабо подготвен, а според изворите на „Атлетик“, изгледал уморен и имало информации дека бил излезен и претходната вечер. Играчот го отфрлил и ова, но тренерот сепак донел одлука да го изостави од составот. Вчера беше потврдено дека Рашфорд нема да биде дел од составот ниту за натпреварот против Ливерпул, бидејќи е болен.

Во последните денови, медиумите во Англија известуваат дека Рашфорд го подобрил своето претставување на тренинзите, но и покрај тоа, продолжува да биде игнориран од Аморим. Рашфорд продолжува да биде едно од најчестите имиња поврзани со можен трансфер, било во зимскиот или летниот преоден рок, а вчера се појавија шпекулации дека може да биде искористен како дел од потенцијалниот трансфер за Виктор Осимен од Наполи.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови