Connect with us

Васоски: Нѐ очекува тежок натпревар со Тиквеш, но Силекс веќе не крие дека има шампионски амбиции

Тренерот на лидерот по есенскиот дел од шампионатот Силекс, Александар Васоски, со големи амбиции го очекува стартот на пролетната полуетапа. Тој верува дека Силекс може да остане на првата позиција и на крајот на шампионатот и да се закити со трофејот.

„Да се одбрани тоа прво место ќе биде ѓаволски тешка работа, бидејќи знаеме дека се бориме со квалитетни екипи. Меѓутоа, кога веќе докажавме дека во 18 натпревари можеме да бидеме први, зашто не и во останатите 15. Така што апсолутно веќе не криеме дека целта е оваа година, да ја освоиме шампионската титула. Многу е важно што го задржавме костурот на тимот и плус доведовме засилувања, бидејќи екипата веќе добро се познава, добро е воиграна, така што секако дека може секогаш подобро, ќе работиме на уште некои мали нијанси за да бидеме уште подобри во пролетниот дел од сезоната“, вели Васоски.

„Подготовките во Анталија поминаа одлично, мислам дека имавме одлични услови за работа и одигравме квалитетни натпревари. Можеби резултатите не беа на задоволително ниво, меѓутоа во период кога навистина трениравме напорно, секако повеќе ставивме акцент на физичката подготовка, така што мислам дека направивме квалитетни подготовки. Новите играчи оставаат солиден впечаток. Дарко Мицевски е фудбалер кој добро го познавам и работевме заедно во Вардар, а Хрвановиќ е фудбалер кој настапуваше во групна фаза со Зрињски во Конференциската лига, така што се работи за фудбалери кои се одлични засилувања. Очекувам од нив да ни помогнат во нашите цели и да го подигнат нивото на нашата игра“, истакнува тренерот на Силекс.

Во Кратово денеска гостува тимот на Тиквеш, а Силекс посакува три бода.

„Секако, нѐ очекува еден тежок натпревар. Тиквеш е минатогодишен освојувач на купот, сигурно нема да дојде во Кратово да се предаде. Секогаш првите натпревари по подготовките се тешки, така што очекувам еден тежок натпревар. Посакуваме да го отвориме вториот дел од сезоната со први три бода“, истакна Александар Васоски.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 19.КОЛО (Денеска, 14 часот)

🔹 Силекс – Тиквеш
🔹 Вардар – Шкендија
🔹 Гостивар – Струга ТЛ
🔹 Воска – Беса
🔹 Шкупи – Работнички
🔹 Пелистер – Брера

Standings provided by Sofascore

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови