Connect with us

Трајковски и Велкоски едногласно: Во Австрија за поправање на впечатокот од Скопје

Македонската фудбалска репрезентација се комплетираше и се подготвува за претпоследното искушение од овој квалификациски циклус за ЕВРО 2020, натпреварите против Австрија на 16. ноември и Израел во Скопје на 19. ноември.

Александар Трајковски вели дека Македонија сака да покаже во Виена како првиот дуел во Скопје и убедливиот пораз не беа реалност, туку слаб ден.

„Се додека имаме шанса ќе се бориме до крај. Ова е добра можност да покажеме дека поразот на домашен терен не ја покажува реалната слика меѓу двете репрезентации. Мислам дека сме добро подготвени и одиме да го дадеме нашиот максимум на теренот во Виена. Најважно е сега да се обидеме да ги добиеме овие два натпревари, да се покажеме во најдобро светло, а потоа ќе размислуваме на мартовскиот предизвик од Лига на нации. Во изминатиот период игравме и со послаби и со поквалитетни репрезентации и сметам дека покажавме дека можеме да се носиме со било која селекција”, изјави Александар Трајковски.

Крсте Велкоски смета дека има квалитет во националниот тим за да одигра на високо ниво против ривалот што убедливо не совлада во Скопје.

„Мислам дека овие два натпревари ќе бидат навистина тешки, ни недостасуваат неколку фудбалери, но сепак имаме квалитет да се обидеме да освоиме што повеќе бодови и да останеме на третото место во групата. Австрија е многу квалитетна репрезентација, играат одлични натпревари, но наше е да се потрудиме да одиграме на високо ниво и силно да се спротивставиме. Ритамот на игра сигурно ќе биде на максимум, но и покрај отсуството на неколкумина фудбалери мислам дека физички сме подготвени за предизвикот. Со добар резултат од овие два натпревари ќе ја задржиме атмосферата за тоа што не очекува во март”, изјави Крсте Велкоски.

Македонскиот национален тим в петок патува за Виена.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови