Connect with us

Тајната на хитот во Бундес – лигата: Тренерот е десет години во клубот, а спортскиот директор – 18

Фрајбург во моментот е третопласиран клуб во Бундес – лигата, а во последното коло против Баерн во Минхен го претрпе првиот пораз сезонава. Клубот од истоимениот град со околу 230.000 жители дефинитивно е најпријатното изненадување во германскиот фудбал, можеби и во цела Европа.


На 11 натпревари во Бундес – лигата, Фрајбург, меѓудругото, ја победи Борусија Дортмунд на домашен терен и ремизираше со Лајпциг, на гости ги победи Штутгарт, Херт и Волфсбург, а со девет примени гола ја има најдобрата одбрана во лигата.

Клучното име на клубот е тренерот Кристијан Штрајх, кој на 29 декември ќе одбележи точно 10 години на клупата на Фрајбург, со што ќе биде втор тренер со најдолг стаж во најдобрите пет лиги, зад Диего Симеоне кој е тренер на Атлетико Мадрид точно шест дена подолго. Вкупно, Штрајх е 26 години во Фрајбург, патем е и најстариот тренер во Бундес – лигата.


Тој го презеде првиот тим зимата во сезоната 2011/12 и го одведе од зоната за испаѓање на 12. место. Следната сезона донесе сензационално петто место со екипа која не беше преполна со звучни имиња. Сезона потоа Фрајбург беше 12-ти, а во сезоната 2014/15 клубот испадна од Бундес – лигата.

Неверојатно, но вистинито, Штрајх не доби отказ, туку веднаш го врати клубот во елитата следната сезона. Фрајбург беше на осмо и на десетто место на крајот од последните две сезони, а сега се наоѓа на одличното трето место.

„Не се важни рекордите, туку развојот“, вели Штрајх, чии прес-конференции секогаш се интересни како и натпреварите на Фрајбург. Штрајх често зборува за политика, актуелни проблеми, се однесува, како што вели, како нормален човек.

„Јас сум нормален тип, без тетоважи и пирсови. Не сум баш идеален маркетиншки производ“, вели тренерот кој на домашните натпревари доаѓа со велосипед. Тој ја бранеше одлуката на Ангела Меркел да ги ослободи имигрантите во Германија и го критикуваше неодамнешното купување на Њукасл.

„Клубовите мора да им припаѓаат на оние кои ги сакаат, а не на поединци“, потенцира тој.

Фрајбург го има десеттиот тим според вредноста во Бундес – лигата. Унгарецот Роберт Салаи е доведен од АПОЕЛ Никозија за 4,5 милиони евра, а сега тежи 16 милиони и е најскапиот играч на клубот. Зад него се Филип Линхарт, Нико Шлотербек и Кристијан Гунтер. Летово клубот го продаде Баптист Сантамарио на Рен за 14 милиони евра, а за 5 милиони евра го донесе Максимилијан Егештајн од Вердер. Сепак, Штрајх не е за имиња, туку за континуитет.

„Во ДНК ни е смиреност, нема да не понесе еуфорија кога се е добро, а не го менуваме тренерот кога работите ќе тргнат наопаку. Во фудбалот оди така што си или херој или идиот. Се обидуваме да најдеме рамнотежа во тоа“, вели уште еден клучен човек на Фрајбург, спортскиот директор Јохен Саер, кој во клубот е од 2003 година, а на сегашната позиција од 2013 година.

Инаку, кога германските медиуми ги објавија платите на спортските директори на сите бундеслигаши Саер беше на последното место.

„Ако менувате тренер секоја година или на година или половина, сигурно нема да напредувате. Ние во Фрајбург имаме друга филозофија, не работиме на краток рок. Тренерот не го гледаме преку еден натпревар, туку ја бараме големата слика, така се разликуваме од другите. Нашиот идентитет е јасен“, објаснува Јохен Саер.

Засега им оди одлично…

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови