Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски доживеал повеќе од непријатни сцени денеска во својот роден град Прилеп.
По завршувањето на репрезентативните обврски, членот на англиски Лидс одлучи дел од летниот одмор да мине во својот Прилеп, град во кој е роден, а од каде потоа неговото семејство се сели на печалба во Швајцарија. Но, заедно со неговиот татко и мајка и блиски пријатели денеска доживеал крајно непријатна ситуација на која, како што ни изјави, ниту најмалку не се надевал.
„Доживеав да бидам непожелен во ресторанот Ла Страда во Прилеп, само затоа што заедно со моето семејство зборувавме на албански јазик. Јас сум репрезентативец на Македонија и давам се од себе на секој натпревар за оваа земја, искрено и од срце. Но, секако не гледам зошто немам право да зборувам со моето семејство на мојот мајчин јазик. Навистина се чувствувам многу посрамено“ – ни изјави Алиоски.
Ситуацијата се променила кога всушност во ресторанот виделе дека се работи за македонскиот репрезентативец. Во ресторанот ја „промениле плочата“, но било доцна…
„Кога видоа дека зборуваме албански ни беше кажано дека се е резервирано барајќи да го напуштиме ресторанот… Потоа видоа дека сум јас, сфатија дека всушност сум фудбалски репрезентативец и одеднаш се создаде и место во ресторанот. Се извинуваа, но беше доцна за извинување. Не сакавме тука да останиме затоа што бев со пријатели и со моите родители и сите се чувствувавме непријатно и посрамено“ – вели Алиоски.
Околу целата оваа ситуација веднаш се огласи и Фудбалската федерација на Македонија, застанувајќи во одбрана на својот репрезентативец Езгјан Алиоски.
„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува говорот на омраза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор Езџан Алиоски. Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата! Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит! Уште еднаш сакаме да порачаме – Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување! Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат“ – се вели во реакцијата на ФФМ.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski