Connect with us

Слот: Кога ќе го победите Реал Мадрид, тоа секако е впечатлив триумф

Ливерпул ја запиша втората последовна победа, совладувајќи го Реал Мадрид со 1-0 на „Енфилд“ во натпревар од Лигата на шампионите. Менаџерот Арне Слот им оддаде признание на своите играчи за „впечатливиот“ настап против „кралскиот клуб“.

По триумфот за викендот против Астон Вила, „црвените“ одиграа нов меч без примен гол и освоија уште три бода. Алексис Мекалистер го постигна единствениот гол на натпреварот со удар со глава во второто полувреме.

Овој успех значи дека избраниците на Слот сега имаат девет бода по четири одиграни натпревари во годинешното издание на турнирот.

„Впечатливо е, бидејќи игравме против неверојатен тим, екипа што е во одлична форма – само еден пораз, а сите други мечеви ги победија. Кога можеш да ги совладаш, и тоа со ваква игра, тоа е навистина позитивно“, изјави Слот.

Менаџерот сепак го нагласи значењето на статичните ситуации за конечниот резултат, потсетувајќи дека победата дошла токму по таква изведба.

„Но, покрај сè што може да се каже, ги победивме благодарение на статична ситуација. Пријатно да зборуваш за тоа кога победуваш, бидејќи ако изгубиш, луѓето би рекле дека барам изговори. Но позитивниот биланс при статичните ситуации е минимумот што ти треба за да постигнеш резултат во девет од десет случаи“, додаде Холанѓанецот.

„Бев импресиониран од атмосферата во текот на сите 90 минути, дури и пред почетокот на натпреварот. Мислам дека навивачите ни помогнаа во текот на целиот меч, а не само кога Трент Александер-Арнолд беше на теренот“, прокоментира Слот за атмосферата на „Енфилд“.

Тој, исто така, призна дека по натпреварот разменил неколку зборови со поранешниот дефанзивец на тимот.


„Го видов накратко по натпреварот, го прегрнав. Дури и не знам што точно кажав, но веројатно не беше многу. Секогаш кога ќе го сретнам, или ќе го прегрнам или ќе разговарам со него, бидејќи тој е многу посебен за мене – и како играч, и како личност.“

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови