Connect with us

Шкендија е нов шампион, важен триумф за Тиквеш, сензационален пресврт на Брера

Шкендија е новиот шампион на Македонија за сезоната 2024/2025. Ова е петта шампионска титула во историјата на клубот, по оние освоени во 2011, 2018, 2019 и 2021 година. „Црвено-црните“ од Тетово го обезбедија првото место во Првата македонска фудбалска лига две кола пред крајот на сезоната, благодарение на денешната победа од 2-1 против Работнички во 31. коло.

Натпреварот во Тетово започна одлично за домаќините, кои поведоа уште во шестата минута преку Љатифи. Во 33. минута, Тамба зголеми на 2-0 со прецизен удар по добра акција од длабочина. Во второто полувреме, гостите од Скопје успеаја да намалат на 2-1 со гол од пенал, кој го постигна Далеј во 62. минута, но до крајот на натпреварот не успеаја да израмнат. Со овој триумф, Шкендија ја запечати титулата, со оглед на тоа што има четири бода предност пред Силекс, а во следното коло ќе добие службени три бода поради повлекувањето на Гостивар од лигата.

Освен борбата за титулата, интересна е и битката за опстанок. Тиквеш успеа да стигне до значајна победа од 1-0 против Беса во Кавадарци, со гол на Даниел Миловановиќ во 40. минута. Тиквеш обезбеди опстанок во елитата.

Во Струмица, Брера приреди спектакуларен пресврт и го совлада Шкупи со 4-3, иако чаирчани водеа со 3-1 во второто полувреме.

Натпреварот меѓу Брера и Шкупи во Струмица понуди вистинска драма и фудбалско уживање со седум постигнати голови и спектакуларен пресврт на домашниот тим. Дуелот започна со офанзивен фудбал на двете страни, при што најмногу се истакна капитенот на Брера, Мартин Ѓорѓиевски, кој беше најопасниот играч кај струмичани во воведните минути.

Иницијативата на домаќините резултираше со водечки погодок во 28. минута, кога Стефан Наумчевски погоди по изведен прекин за 1-0. Но, реакцијата на Шкупи беше брза – веќе во 32. минута, Џелил Асани од слична ситуација израмни на 1-1.

До крајот на првото полувреме, Шкупи го презеде водството. Ибиши продре по левата страна и му асистираше на Демир Имери, кој во 45. минута погоди за 1-2.

На стартот на второто полувреме, двете екипи продолжија со отворена игра. Шкупи го зголеми водството на 1-3 во 72. минута преку Кадриу, кој го искористи киксот на домашната одбрана. Но, токму од тој момент започна големиот кам-бек на Брера.

Нзенгуе намали на 2-3 со погодок во иста таа 72. минута, а потоа следеше вистински трилер-финиш. Во 91. минута судијата досуди пенал за домаќините, а сигурен реализатор беше капитенот Ѓорѓиевски за 3-3.

Кога се чинеше дека мечот ќе заврши нерешено, во 96. минута Олаосебикјан нафрли до Хаџи Драме, кој маестрално ја прими топката во шеснаесетникот и го матираше голманот на Шкупи за конечни 4-3 и голема радост на домашните фанови. Брера сега има 30 бода, три повеќе од Беса.

Во останатите натпревари, Вардар и Струга Трим Љум одиграа без голови, додека Силекс и Пелистер добија службени победи од 3-0 поради откажувањето на нивните противници – Гостивар и Воска Спорт.

Шампионската титула на Шкендија е резултат на константноста и добрата форма на тимот во текот на целата сезона

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови