Манчестер Јунајтед и Фулам ја отвораат новата сезона во Премиер – лигата со вечерашниот натпревар на „Олд Трафорд“.
„Црвените ѓаволи“ се надеваат дека тоа ќе биде сезона во која ќе се вратат во Лигата на шампионите, а по можност да освојат и нов трофеј. Досега ангажираа четворица нови играчи, Џошуа Зиркзе, Лени Јоро, Матијс де Лихт и Нусаир Мазрауи, за кои потрошија околу 150 милиони фунти. Се очекуваат и нови трансфери, па Ерик тен Хаг треба да има на располагање квалитетен состав.
Манчестер Сити минатата сезона стана првиот тим што успеа да освои четири последовни титули во англиската елита и повторно е прв фаворит за шампионскиот пехар. Сега, тимот на Пеп Гвардиола ќе се натпреварува не само со конкуренцијата, туку и да ги подобри своите рекорди.
Има многу шпекулации дека оваа сезона може да биде последната на Пеп на „Етихад“. Освен тоа, наскоро треба да се дознае дали клубот ќе добие сериозна казна за 115-те обвиненија што Премиер лигата му ги подигна на Манчестер сити за прекршување на финансиските правила. Ќе биде интересно да се види како исходот од овој процес ќе влијае на целата сезона.
Инаку, шампионите досега привлекоа само едно ново засилување, Савињо, а се разделија со Хулијан Алварез, кој беше продаден на Атлетико Мадрид за сериозна сума. Класата во составот сепак останува доволна за нови големи успеси. Првиот трофеј во сезоната веќе беше освоен пред помалку од една недела.
Арсенал минатата сезона беше еден од главните конкуренти на Манчестер сити во борбата за титулата, а во последните две сезони „топчиите“ постојано покажуваат напредок. Главното прашање е дали лондонскиот клуб конечно ќе успее да стави крај на над 20-годишното чекање и да ја освои титулата во Премиер лигата. Микел Артета досега го засили тимот само со едно ново засилување, Рикардо Калафиори, кој пристигна од Болоња. Сепак, навивачите на Арсенал веруваат дека тимот има искуство и квалитет за да ја направи последната, решавачка крачка.
Што се однесува до Ливерпул, тимот влегува во нова ера по заминувањето на Јирген Клоп. По речиси девет години на „Енфилд“, во кои германскиот менаџер освои се што можеше, тој реши да се повлече. Ливерпул минатата сезона беше во трка за четири трофеи, но на крајот освои само еден. Со новиот менаџер Арне Слот, тимот прикажа добри резултати во претсезонската подготовка, што ги поттикна букмејкерите да го стават Ливерпул на трето место меѓу фаворитите. И покрај тоа, клубот досега не доведе ниту еден нов играч, што ги зголемува предизвиците за тимот во претстојната сезона.
Челси, од друга страна, повторно го смени менаџерот и направи целосна реконструкција на составот. Тежината на задачата паѓа на Енцо Мареска, кој го наследи Маурисио Покетино. Клубот моментално има над 50 играчи, а планот е селекцијата да продолжи.
Во битката за топ 4 повторно ќе учествуваат Астон Вила, Тотенхем, Њукасл и Вест Хем, кои прават амбициозна селекција. Тимот на Унаи Емери направи голем прогрес и се засили со квалитетни играчи, но останува да се види како ќе се справи со новиот предизвик.
Тотенхем пропушти малку четвртото место минатата сезона, но во втората сезона под водство на Анге Постекоглу тие сигурно ќе се борат за учество во ЛШ. Пред неколку дена конечно лондончаните го добија напаѓачот кој се очекува да го замени заминатиот пред една година, Хари Кејн. Тоа е Доминик Соланке, кој дојде за рекорден трансфер на клубот. Очекувањата од него се големи.
Во битката за опстанок најверојатно ќе бидат вклучени тимовите на Нотингем Форест, Лестер, Саутемптон и Ипсвич.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski