Connect with us

„Пандевци“ го освоија Тетово, губитничко деби на Ѓока за Шкендија

Резултатската криза на Шкендија уште повеќе се продлабочи откако актуелниот првак претрпе нов пораз, овојпат на домашен терен од Академија Пандев со 0-1. Ниту доаѓањето на новиот тренер Ернест Ѓока не го промени губитничкиот менталитет што тетовци го покажуваат од самиот старт на сезоната, и денеска очигледна беше немоќта да се креираат шанси и да се најде патот до противничката мрежа. 

Новиот стратег се реши за формација со Агим и Бесарт Ибраими во стартниот тим заедно со Фелипе, но тројцата асови не донесоа буквално ништо во играта на Шкендија. Тетовскиот клуб имаше повеќе од играта, но не успеваше да најде начин да ја пробие одбраната на гостинскиот тим предводена од одличниот Димов. „Пандевци“ трпеливо ја чекаа шансата и конечно дочекаа во судиското продолжение од првото полувреме, кога по корнерот од десната страна Маслач го доби дуелот со Бејтулаи и од непосредна близина го совлада Захов.

Резултатот ги принуди „црвено-црните“ уште повеќе да притиснат во второто полувреме, но за нивната немоќ најдобро говори фактот дека најубавата шанса им беше онаа од слободен удар на Бесарт Ибраими, кога „седумката“ на Шкендија биеше само во живиот ѕид.

Академија Пандев со денешната победа се искачи на првото место на табелата, со еден бод повеќе и натпревар повеќе од Вардар (21-20). Шкендија со овој пораз остана на 11 бода, премалку за тимот со убедливо најголем буџет во мак-фудбалот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови