Connect with us

Омер Буњаку: Не сакам моите пари од данок Град Скопје да ги дава во ФК Вардар

Град Скопје денеска донесе одлука да му додели финансиска помош од 15.000.000 денари (околу 250.000 евра) на најтрофејниот македонски клуб Вардар. Тоа предизвика задоволство кај фановите на „црвено-црните“, но исто така и разочарување и гнев кај другите клубови од Скопје.


Омер Буњаку, директорот на ФК Шкупи, излезе со реакција, истакнувајќи дека не сака неговите пари од данокот да отидат за помош на Вардар, кој е второлигаш, и покрај тоа што во Скопје има дури четири македонски прволигашки клубови.

„Кај нас е задолжително сите клубови да преминат во Акционерско друштво, значи ќе имаат свои спонзори, вклучително и некои други начини кои доаѓаат како помош од самата држава.
Но, не сакајќи да се занимава со темата акционерски друштва, Советот на Град Скопје како да заборава дека нема право да ги дели клубовите.

Ова го велам, затоа што во Првата лига нa Македонија, само од градот Скопје, во моментов се натпреваруваат четири клуба, Шкупи, Македонија Ѓ.П. , Работнички и Скопје, додека токму Советот на град Скопје, со поднесување на амандманот од советници на ВМРО и дел од советниците на СДСМ одлучија да му помогнат на клубот Вардар со 15.000.000 денари, кој се натпреварува во Втората лига. Овој клуб сега веќе не му припаѓа на градот, туку е во приватна сопственост.

Зарем избраните во Градското собрание заборавија (освен Албанците кои не го поддржаа), дека не сите скопјани го сакаат Вардар и дека не сакаат парите од данокот да им одат во клубот што не го родила мојата мајка.

Со оглед дека плаќам данок, не сакам да го спонзорирам и финансирам клубот Вардар, а ние да земеме помалку кога и ние како клуб што се натпреваруваме во Првата лига имаме голема потреба од помош од градскиот буџет, чиј сеф е исполнет со огромни средства.

Време е, избраниците во градот да не бидат за едни мајка, а за други маќеа, секој да се труди да си ги исполни обврските според работните места што ги добил. Всушност, советниците на ВМРО и дел од советниците на СДСМ со овој чин не му помагаат на клубот Вардар, туку директно на неговите нови сопственици“, се вели во реакцијата на Омер Буњаку.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови