Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на месец март во Првата лига!

Шкендија, Вардар и Академија Пандев дефинитивно се трите клуба кои се издвоија во првиот месец од пролетната сезона во Првата македонска фудбалска лига. Па, токму од таму, и доминацијата на фудбалерите од овие три клуба во изборот на МАКФУДБАЛ за Тимот на месец март во најсилното домашно клупско натпреварување.

Согласно ефектот во изминатиот месец, Агим Ибраими, најголемото засилување на Шкендија во зимскиот преоден рок, е носителот на признанието играч на месецот. Но, ако се суди според изданијата оваа пролет Шкендија дефинитивно ја има најдобрата одбрана во лигата која на седум натпревари прими само четири погодоци, од кои два на последниот меч во убедливиот триумф од 5-2 против Победа. Затоа репрезентативците Висар Муслиу и Егзон Бејтулаи се издвојуваат во изборот за Тимот на месецот, заедно со албанскиот интернационалец Гледи Мици кој одигра одлични натпревари. Во одбранбената линија е уште и Диме Димов од Академија Пандев, како последна четворка пред голманот Филип Гачевски од Вардар кој во месец март, во пет натпревари (четири победи и реми) прими само еден гол.

Во средниот ред се издвоија Мухарем Бајрами од Шкупи, иако чаирчани последните три натпревари ги одиграа под нивото, капитенот на Академија Пандев, Љупче Дориев кој во седум натпревари пролетва има шест погодоци, иако дури пет од пенал, како и повратникот во редовите на Вардар, Бразилецот Хуан Фелипе кој веднаш покажа од колкаво е неговото значење за екипата.

И, во офанзивната линија, Дејан Цветановски кој со своите два гола ги донесе двете последни победи за „вардарци“, офанзивецот на Ренова, Влатко Стојановски кој е најдобар стрелец во лигата со 13 погодоци од кои два изминатиов месец, дополнети и со три асистенции. И, покрај нив и Агим Ибраими потврдувајќи ја важноста на неговото име за Шкендија од секој можен аспект.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови