Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 9. КОЛО!

Вардар ја зачува предноста од 9 бода во однос на Шкендија по крајот на првиот круг од натпреварите во Првата македонска фудбалска лига. „Вардарци“ одиграа без голови на гостувањето во Тетово, па со предност во однос на конкурентите ќе се впуштат во вториот круг од шампионатот. Академија Пандев се врати на победите, а триумф запиша и Работнички против Ренова.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 9. коло од сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига:

1. ФИЛИП ГАЧЕВСКИ (ВАРДАР)

Најдобриот поединец на натпреварот во Тетово. Во неколку наврати одлично интервенираше, најзаслужниот што Вардар си замина без пораз од дуелот со Шкендија.

2. ЕРМЕДИН АДЕМ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Првпат сезонава настапи на позицијата десен бек во редовите на Македонија ЃП и одигра одличен натпревар против Шкупи. Максимално ангажиран и во дефанзивата и во средниот ред.

3. МАРИО МЛАДЕНОВСКИ (ВАРДАР)

Младиот дефанзивец на Вардар одигра одличен натпревар на дербито во Тетово. Се впушти во коштец со противничките фудбалери, неутрализирајќи добар дел од нападите на Шкендија.

4. ЕВГЕНИЈ НОВАК (ВАРДАР)

Уште еден од најзаслужните што Вардар остана со празна мрежа од мечот со Шкендија. Во неколку наврати извонредно реагираше пред својот гол, активно учествувајќи во одбраната на резултатот.

5. СЕБАСТИЈАН ХЕРЕРА (РАБОТНИЧКИ)

Квалитетен натпревар на левокрилниот дефанзивец на „романтичарите“ во триумфот над Ренова. Еден од најзабележителните на теренот на „Тодор Проески“.

6. АРМЕНД АЛИМИ (ШКЕНДИЈА)

Одигра добар натпревар во средниот ред на тетовци. Креатор на добар дел од акциите на Шкендија, но на дербито со Вардар затаи реализацијата.

7. ЃОРЃИ СТОИЛОВ (АК. ПАНДЕВ)

Еден од клучните играчи на Академија Пандев во триумфот против Силекс. Стрелец и на погодок од пенал во победата од 2-0.

8. БЕСАР ИСЕНИ (ШКУПИ)

Во тежок, неизвесен, натпревар во Ѓорче Петров, фудбалерот од средниот ред на Шкупи се издвои со својата агресивност, трк и борба против „лавовите“.

9. ХРИСТИЈАН КИРОВСКИ (СТРУГА ТЛ)

Единствен кој одржуваше резултатски ритам во составот на Струга ТЛ. Двоен стрелец за својот тим, но и тоа не беше доволно барем за бод од гостувањето против Борец во Велес.

10. СИМЕОН ХРИСТОВ (БОРЕЦ)

Еден од најзабележителните во нападот на Борец, постојана закана по противничкиот гол. Изнуди пенал и самиот реализатор од белата точка во победата од 3-2 против Струга ТЛ.

11. ЉУПЧЕ ДОРИЕВ (АК. ПАНДЕВ)

Постигна прекрасен погодок во триумфот против Силекс, стандардно еден од највпечатливите во составот на струмичани и ова натпреварувачко коло.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови