Шкендија на убедлив начин ја доби Победа во Тетово со 5-2, Вардар минимално го совлада Силекс со 1-0, а по подолг период Беласица оствари триумф и ги зголеми шансите за да го избегне најлошото до крајот на шампионатот.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 25.коло во Првата лига.
1. НИКОЛА ВУЈАНАЦ (БЕЛАСИЦА)
Голманот на Беласица успеа да ја сочува мирна својата мрежа и беше еден од најзаслужните за триумфот. Тој скроти неколку силни шутеви кон неговиот гол.
2. ЈОВАН ПОПЗЛАТАНОВ (ВАРДАР)
Влезе во игра на крајот од првото полувреме, но и тоа беше доволно за да се наметне и да влезе меѓу најдобрите 11 во ова коло. Јован Попзлатанов асистираше за победничкиот погодок на Вардар што го постигна Матеј Цветановски, а беше одличен и во дефанзивните активности.
3. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)
Репрезентативецот продолжи во одлична форма во шампионатот. Беше сигурен во обранбената линија на Шкендија, а успеа да се запише и во листата на стрелците против Победа.
4. МАРИО МАСЛАЌ (БЕЛАСИЦА)
Вистински столб во одбраната на Беласица, која овојпат се покажа како гранитна во дуелот со Шкупи. Маслаќ покажа и организациски способности при започнувањето на акциите на својот тим.
5. СЕБАСТИЈАН ХЕРЕРА (РАБОТНИЧКИ)
Левиот бек на Работнички се прикажа во светло издание на гостувањето против Македонија Ѓорче Петров. Тој беше стандардно добар во одбраната, но и со чести излети во офанзива.
6. АРМЕНД АЛИМИ (ШКЕНДИЈА)
Капитенот на Шкендија диригираше со играта во средниот ред, го постигна и водечкиот погодок, но уште поважно е и дека ги разигра соиграчите. Ефектот е јасен, Шкендија славеше убедлив триумф (5-2).
7. ЕНУР ТОТРЕ (ШКЕНДИЈА)
Беше еден од најзабележителните во одличното издание на Шкендија. Беше стрелец и на еден од петте погодоци за лидерот на табелата.
8. ЃОРЃИ СТОИЛОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)
Тој е еден од креаторите на играта на составот на Академија Пандев. Одигра на препознатливо ниво, а беше сигурен реализатор и на пеналот кој донесе победа во финишот од натпреварот против Ренова.
9. ХРИСТИЈАН КИРОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Искусниот напаѓач одигра одлично против својот поранешен клуб. Постигна прекрасен погодок и беше перманентна опасност по голот на Работнички.
10. МАТЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ (ВАРДАР)
Човек на одлука во триумфот на Вардар. Успеа да ја погоди мрежата на Силекс и донесе нови три бода за „црвено-црните“. Неговиот талент сега е надграден и со потребното прволигашко искуство, и тој е значајна фигура во составот на Александар Васоски.
11. ПЕПИ ГОРГИЕВ (БЕЛАСИЦА)
Стрелец на водечкиот гол за Беласица против Шкупи, кој ја отвори вратата кон многу важна победа што ги зголемува шансите за опстанок. Тој игра стандардно добро, но овојпат блесна во полн сјај.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЃОКО ХАЏИЕВСКИ (БЕЛАСИЦА)
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski