Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 20.коло

Шкендија дополнително ја засили предноста во однос на најголемиот конкурент за титулата Вардар по 20.коло од Првата македонска фудбалска лига. И покрај ремито (1-1) на гостувањето против Македонија ЃП, тетовци сега имаат девет бода предност во однос на Вардар кој убедливо (4-0) загуби од Ренова. Но, второто пролетно коло веќе го издвои и составот на Академија Пандев сега како повеќе од сериозен кандидат за водечките две позиции на табелата. Во струмичката дерби пресметка од ова коло Академија Пандев славеше против Беласица со 1-0.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 20.коло.

1. ДУШАН ЧУБРАКОВИЌ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Одличен на голот на Академија Пандев во периодот по водството на својот тим кога и беше најпотребно. Во неколку наврати, пред се во второто полувреме, успеа да ги запре налетите на Балдовалиев и останатите офанзивци на Беласица значајно придонесувајќи за победата на својот тим.

2. БАШКИМ ВЕЛИЈА (РЕНОВА)

Квалитетно издание на десниот бек на Ренова. Максимално сигурен во дефанзивата но и постојано активен во офанзивните задачи. Натпревар без грешка.

3. ГЛЕДИ МИЦИ (ШКЕНДИЈА)

Еден од најрасположените за игра во тимот на Шкендија. Учествуваше и во акцијата по левата страна за погодокот на тетовци на пресметката во Ѓорче Петров.

4. ДИМЕ ДИМОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Беспрекорен во одбраната на „пандевци“ во моментите кога се чуваше водството на тимот. Максимално енергичен во дуелите со противничките офанзивци.

5. МУАРЕМ БАЈРАМИ (ШКУПИ)

Вистински лидер во одбраната на чаирчани. Но, и фудбалерот кој го отвори патот за триумф на Шкупи. Постигна прекрасен гол директно од слободен удар со кој домашните го скршија отпорот на Победа.

6. ЉУПЧО ДОРИЕВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Клучниот за триумфот на Академија Пандев во струмичката дерби пресметка против Беласица. Одигра одлично во средниот ред низ текот на целиот натпревар, а стрелец и на единствениот гол за три бода на „пандевци“.

7. БОБАН ГЕОРГИЕВ (СИЛЕКС)

Уште еден квалитетен натпревар на левото крило на Силекс. Повторно стрелец за кратовци, овој пат извонредно погодувајќи под гредата од голот на Работнички со удар од 18 метри.

8. РОБСОН ДА СИЛВА (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Бразилецот Робсон Да Силва веќе се издвојува како еден од најдобрите фудбалери на Македонија ЃП сезонава. Благодарение на индивидуалниот негов потег, убав погодок директно од слободен удар, „лавовите“ стигнаа до бод од дуелот со актуелниот шампион.

9. ВЛАТКО СТОЈАНОВСКИ (РЕНОВА)

Вистинско откритие сезонава во најсилната македонска лига. Постигна ефектен погодок со глава во убедливиот триумф на Ренова против Вардар, на тој начин по 20 кола со 12 гола издвојувајќи се како најдобар стрелец во елитното друштво. 

10. СЕРЏО ЖУНИОР (ШКУПИ)

Еден од најзабележителните во составот на Шкупи. Постојано активен во офанзивата на тимот притоа запишувајќи го и последниот погодок во триумфот од 3-0 против Победа.

11. ЕМРАН РАМАДАНИ (РЕНОВА)

Крилниот офанзивец на Ренова ја најави г0лемата победа на својот тим против Вардар. Стрелец на два погодоци во триумфот од 4-0, прв после четири години на „гипсарите“ во пресметките со најтрофејниот македонски клуб.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: НИКОЛА ИЛИЕВСКИ – ЏИЏИ (РЕНОВА)

Од секој можен аспект на фудбалската игра го надмудри својот помлад колега Александар Васоски, нанесувајќи му го најтешките пораз на Вардар во домашниот шампионат во последните седум години. Под палката на Илиевски, Ренова тактички беспрекорна, мотивирана, луцидна и сигурна на патот кон трите бода.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови