Connect with us

Легендарниот Хесус Навас го одигра последниот меч пред фановите на Севилја

Легендата на Севилја, Хесус Навас, го одигра последниот натпревар во својата кариера пред домашната публика на тимот. Ова се случи во првенствениот натпревар од Ла Лига против Селта, од 17. коло, каде што тој беше стартер и одигра 70 минути. При заминувањето од теренот, Навас ја бакна тревата.

39-годишниот ветеран претходно најави дека ќе се повлече во декември. Одлучи тоа да го направи сега, наместо да го чека крајот на сезоната, поради честите болки како последица на бројните повреди низ годините. Дури и против Селта, тој го напушти теренот со крваво колено.

Навас е дете на клубот и има над 700 натпревари за Севилја во два периода. Освен за Севилја, тој играше само за Манчестер Сити во Англија, каде што помина шест сезони од 2007 до 2013 година.

На натпреварот на „Рамон Санчес Пижуан“, Навас излезе на теренот во придружба на своите двајца синови и беше пречекан со шпалир. Потоа тој и неговите синови симболично го започнаа натпреварот.

Навивачите на трибините ја изразија својата љубов и благодарност кон него со бројни транспаренти и кореографија.

Хесус Навас ја завршува својата кариера со 14 освоени трофеи. Меѓу нив се светска титула и две европски титули со репрезентацијата на Шпанија, како и златен медал од Премиер – лигата со Манчестер Сити. Само со Севилја има осум трофеи, од кои четири се од Лига Европа.

За Шпанија, Навас одигра 56 натпревари и постигна пет голови. Тој беше дел од репрезентацијата на последното Европско првенство во Германија, каде што во натпреварот против Албанија во групната фаза (1-0) беше капитен.

Оваа есен, Навас ѝ донесе победа на Севилја против Хетафе со 1-0 во првенството, станувајќи највозрасниот стрелец на тимот на 38 години и 298 дена, надминувајќи го рекордот на Серхио Рамос.

Можно е Навас да биде на теренот и против Реал Мадрид следната недела на „Бернабеу“, но ова беше неговиот последен меч пред домашната публика.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови