
По елиминацијата на Реал Мадрид во четвртфиналето од Лигата на шампионите, Карло Анчелоти не ја криеше разочараноста. Но, тренерот на „кралскиот клуб“ призна дека нашол утеха во зборовите на претседателот Флорентино Перез – токму во момент кога сè погласни се гласините за негова замена, а како можни наследници се споменуваат имињата на Чаби Алонсо и Јирген Клоп.
„Сите сме заедно, и кога победуваме и кога не оди. Претседателот секогаш ми покажува повеќе љубов во тешки моменти отколку кога победуваме“, рече Анчелоти, откако повторно беше прашан за својата иднина.
Според „Ел Чирингито“, по поразот од Арсенал, Перез имал искрен разговор со Анчелоти. Му рекол: „Што те мачи, ти си најуспешниот тренер во историјата на Реал Мадрид. Имаш освоено 15 трофеи со овој клуб. Имаш зошто да бидеш горд“.
Но, дали тоа значи и дека Перез сака да го задржи Италијанецот…
„На крајот од сезоната ќе разговараме за мојата иднина во клубот“, кусо одговори Анчелоти, кој се врати во Реал во 2021 година, по првиот престој од 2013 до 2015. Неговиот договор важи до 2026 година, но раната елиминација и можноста сезоната да заврши без титула во Ла Лига повторно ги активираа шпекулациите.
Анчелоти досега има освоено две титули во Ла Лига и три трофеи во Лигата на шампионите со Реал. Во моментов, тимот е четири бода зад Барселона, најголемиот ривал со кој ќе се сретне во финалето на Купот на кралот на 26 април, а потоа и во Ла Лига на 11 мај, во меч што би можел да одлучи и за титулата… и за иднината на Карло Анчелоти.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум оствари важен триумф против Работнички на Националната арена „Тодор Проески“ и...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Јас би ја казнил Шкендија 59 меча да игра без публика!
Трагедијата во Кочани се случи, сигурно дека можеше да се превенира, но со оглед...
Автор Nikola Gjurovski