Connect with us

Анализа на Ѓоко Хаџиевски: Македонија може до чудо, да останеме мирни на португалската дрскост

МАКФУДБАЛ во Порто,

Фудбалска Македонија е во транс, се ближи почетокот на историскиот натпревар во Порто против домашната селекција на Португалија, а наградата за победникот е – пласман на Светското првенство во Катар. До пред некоја година, не ни можевме да замислиме дека македонските репрезентативци можат да стигнат толку далеку, а сега сакаме да ја минат и последната пречка.

Потребна е мирна глава иако адреналинот расте до максимум, а потребна е и квалитетна анализа. Нема сомнение дека селекторот Благоја Милевски и фудбалерите до детаљ ја анализирале играта на Португалците, а за македонската јавност преку МАКФУДБАЛ, тоа го направи поранешниот македонски селектор, Ѓоко Хаџиевски.

„Возбудени сме сите. Сакам прво да им честитам на селекторот и на фудбалерите за неверојатниот триумф над Италија во Палермо. Не е лесно да се победи европски првак, и тоа на гости. Победата наша одекна како сензација во светскиот фудбал. А сега кога дојдоа до финале – верувам дека ќе дадат се од себе да направат уште едно чудо. Сите се надеваме и посакуваме таков развој на настаните“, вели Хаџиевски.

Потоа навлезе и во анализа на нашиот национален тим.

„Играме одлично во одбрана, имаме цврст блок и тоа што многу ми се допаѓа, мирно ја изнесуваме топката од позадина, имаме среден ред кој е тркачки одлично подготвен, но и технички навистина супер дотеран. Адеми, Барди, помогнати од Алиоски, Ристовски, а сега верувам и од Елмас, кој е биде големо засилување за нас во финалето, можеме да ги неутрализираме нападите на Португалците, но и сериозно да се заканиме. Имаме брза трансформација во противничко поле, а потоа и завршница. Го покажа тоа Александар Трајковски, тука е и Милан Ристовски, а за овој натпревар секако и Елиф Елмас. Тој може да влезе во дриблинг, да заврши акција, да подели неочекувана асистенција. Македонија игра фудбал, тоа веќе сите го гледаме, и навистина и уживаме“, потенцира Хаџиевски во анализата за МАКФУДБАЛ.

Португалија е селекција од ѕвезди кои играат во Премиер – лигата и во врвните европски клубови, предводена од Кристијано Роналдо.

„Не е само Роналдо, тие се одлични на секоја позиција, врвни мајстори, но тоа не значи и дека се непобедливи. Треба само да се наместат коцките, да ја имаме потребната спортска среќа и да ги издржиме сите притисоци. Ќе ги има од најразличен карактер, го знаеме тоа, секако дека не сме наивни. За разлика од Италијанците, кои играат „почист“ фудбал, Португалците знаат да бидат и многу дрски на теренот, да провоцираат. Треба да внимаваме на нивната „мајсторија“ за изнудување слободни удари околу нашиот шеснаесетник, Знаеме колку се опасни Кристијано Роналдо или Бернардо Силва, Бруно Фернандеш, од такви позиции. Но, со многу желба, максимална трка, посветеност и страст, со стилот што го имавме и против Италија, мислам дека можеме да ги неутрализираме. И треба да бидеме клинички прецизни и ефикасни, секоја нивна грешка да ја казниме. А ќе има и такви моменти, посебно во нивната одбрана, Пепе и Данило, можеби и некој од средниот ред, секако дека и тие се луѓе и грешат. Тоа ќе мора брзо да го искористиме. Ете тоа е некој мој план, мое предвидување на нештата, секако дека главни актери сега се селекторот Милевски и фудбалерите, сигурен сум дека тие имаат вистински план и дека ќе го дадат максимумот за да го реализираат. Ние ќе навиваме со цело срце – напред Македонија! Дај боже да направиме уште едно чудо и да се пласираме на Светско првенство“, порачува поранешниот македонски селектор, Ѓоко Хаџиевски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови