Connect with us

ТРАНСФЕР НА ГОДИНАТА – ЕЛИФ ЕЛМАС

Пред три години беше надежно момче во дресот на Работнички на кое сите му предвидуваа убава иднина. Но, самиот требаше да го направи европскиот исчекор. Неверојатниот талент беше несомнен, но Елиф Елмас има и фудбалски карактер за големи дела, бестрашен е, верува во себе и граби напред со огромни чекори.

Се случи трансферот во Фенербахче каде почувствува што е голем клуб, го стекна неопходното искуство, но неговата величина ја надмина и таа средина. Почна интересот од најголемите европски клубови, се редеа понуди од Реал Мадрид, Тотенхем, Интер, Борусија Дортмунд, а на крајот најупорен беше Наполи и успеа да го добие македонскиот „дијамант“ за 17 милиони евра. Тоа е најголемиот трансфер во историјата на македонскиот фудбал. 

Елмас дојде во Серија А, го облече дресот на Наполи, игра на големата сцена.

Веднаш тоа се приметува и во репрезентацијата. Дополнителен квалитет, италијански шарм, дриблинзи, асистенции, голови…Двапати го надмудри веројатно најдобриот светски голман Јан Облак во дуелот со Словенија во Скопје, го трасираше патот на фудбалската репрезентација на Македонија до третото место во квалификациската група за ЕП 2020, што е најдобар пласман во историјата за нашиот национален тим.

И повторно е скромен, ги почитува повозрасните, вели дека капитенот Горан Пандев е еден од неговите идоли, си ја сака бескрајно Македонија и се надева дека во 2020 ќе обезбедиме и пласман на Европското првенство, преку плејофот во Лигата на нации. Полуфинална пречка е Косово. 

„Македонија е едно големо срце! Затоа и така прославувам некогаш после головите. Македонија ми е татковина, мајка… Сите треба да ја сакаме државата. Ние репрезентативците играме со срце и најмногу од се посакуваме да оствариме пласман на Европското првенство. Многу убави моменти имаше во 2019, нека има уште поубави во 2020, да го оствариме сонот на сите фудбалски генерации“, вели Елиф Елмас.

За него само небото е лимит. Велат дека еден може да ја освои и „Златната Топка“. Да игра во Реал Мадрид, Барселона…и повторно ќе се радува како мало дете кога на арената „Тодор Проески“ ќе му го скандираат името.  

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови