Горан Пандев во опширно интервју за весникот „Ил Џорнале“ се потсети на најголемите успеси во кариерата, пред се на онаа неверојатна сезона со Интер. Најдобриот македонски фудбалер се осврнува и на периодот од кариерата во Лацио и Наполи, но и свои ставови за Жозе Мурињо, за македонската репрезентација…
„Освојувањето на Лигата на Шампионите е сон за секој играч. Ако на тоа го додадете и скудетото и пехарот од Купот на Италија, целото искуство е уште понезаборавно. Направивме нешто што тешко дека некој ќе успее да го повтори“, го почнува Пандев разговорот за „Ил Џорнале“.
Тој мина само една и пол сезона во дресот на Интер, но секогаш има само пофални зборови за клубот со која освои се што можеше да се освои, но и клубот кој го доведе од Македонија во Италија.
„Јас секогаш ќе му бидам благодарен на Интер, тоа е клубот кој ме донесе во Италија и ме направи маж. Моето искуство со „нероаѕурите“ беше фантастично, но исто така имав прекрасни моменти и во Наполи и во Лацио, каде што почнаа многу повеќе да ме ценат во Италија. Не жалам за ништо во кариерата, но и кариерата не ми се уште готова. Сакам да обезбедам опстанок со Џенова, а од претходно имам кажано – огромна желба ми е да играм со Македонија на ЕВРО 2021“, истакнува Македонецот.
Најголемиот успех во кариерата Пандев го оствари под водство на Жозе Мурињо.
„Мурињо ми беше како татко, тој создаде неверојатна група што стигна до огромен успех. Тактички е извонредно подготвен, сигурно е еден од најдобрите во последните години. Секогаш ќе го паметам вечното дерби со Милан. Требаша да ме замени бидејќи останавме со играч помалку на теренот, но добивме слободен удар и бараше токму јас да го шутирам. Погодив и секогаш велев дека тоа беше негов гол, за довербата што ја имаше во мене во тој период“, открива Пандев.
Пандев не заборава да го нагласи значењето на Масимо Морати за успесите што ги имаше Интер во тој период.
„Можам да кажам илјада работи за Масимо Морати, но ќе останам на два збора што го опишуваат најдобро претседателот – дарежливост и страст“, вели Горан Пандев.
Нашиот најдобар фудбалер даде свое мислење и за враќањето на терените по пандемијата од Ковид-19.
„Фудбалот може да даде силен сигнал во секоја земја дека се има желба да се игра. Мора да се следат препораките на експертите за да биде безбедно да се тренира и да се игра, мислам дека сега сме подготвени повторно да играме фудбал. Не треба да се плашиме од коронавирусот, но мораме да сме свесни за целокупната ситуација, да ги следиме протоколите. Тоа е единствениот начин на кој сите можеме да се заштитиме“, порачува Пандев.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski