
Фудбалерите на Велс ја победија Хрватска во Кардиф со 2-1, во осмото коло од квалификациите за Европското првенство во групата Д. Во вториот натпревар од групата Турција во Коња ја совлада Летонија со 4-0 и се пласираше на ЕВРО, додека Хрватите повеќе не зависат сами од себе.
Турците имаат 16 бода од седум меча, додека Велс и Хрватска по 10 од шест меча.
Хрватска мора да ги победи Ерменија и Летонија, но и да се надева на пораз на Велс во Ерменија или против Турција.
Вечерва се потврди дека очајната игра на Хрватите против Турција во Осиек не била случајна и дека се во сериозна криза.
Велс беше многу подобар тим во првото полувреме, Хрватите ги спаси голманот Ливаковиќ, но домаќините на крајот постигнаа гол и сосема заслужено поведоа во 47. минута со голот на Хари Вилсон.
Велс и по водството продолжи во ист ритам, Хрватите беа целосно вон ритам, а предноста на домаќините беше удвоена во 60. минута, повторно стрелец беше Хари Вилсон.
Дури по овој гол Хрватска се созеде, почна да се заканува и постигна гол преку Пашалиќ, кој погоди со глава на асистенција на Модриќ од корнер во 75. минута.
Винченцо Монтела имаше перфектен старт на клупата на Турција и со две победи го предводеше тимот до пласман на Европското првенство во Германија. Вечерва Летонија падна со 4-0, а стрелци беа Акгун, кој постигна прекрасен гол во 58. минута, Ченк Тосун во 83., Артукоглу во 87. и повторно Ченк Тосун во 92. минута.
Во групата Б, Шпанија ја победи Норвешка во Осло со голот на Гави во 49. минута, и заедно со Шкотска се пласира на ЕВРО.
Халанд, Одегард и компанија сега ќе треба да почекаат да видат дали воопшто ќе играат во плеј-офот во Лигата на нации и ќе добијат втора шанса да одат во Германија.
Во Букурешт очекувано Романија ја декласираше Андора со 4-0. Стрелци беа Санчиу, Хаџи, Матин од пенал и Коман.
Во групата Е, Полска повторно не успеа да ја совлада Молдавија, откако во Варшава одигра 1-1. Николаеску ги доведе гостите во водство во 26. минута, а израмни Свидерски во 53.
Чесите профитираа од овој резултат, откако претходно денеска ги победија Фарски Острови со 1-0 и сега се многу блиску до второто место. На врвот на групата е Албанија.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум оствари важен триумф против Работнички на Националната арена „Тодор Проески“ и...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Јас би ја казнил Шкендија 59 меча да игра без публика!
Трагедијата во Кочани се случи, сигурно дека можеше да се превенира, но со оглед...
Автор Nikola Gjurovski
