Connect with us

Хасани заминува: Мислам дека е време да им отстапам место на помладите во Шкендија

Најдобриот фудбалер на Шкендија во изминатата деценија и поранешен македонски репрезентативец, Ферхан Хасани, заминува од клубот од Тетово. Тој побарал да биде раскинат договорот со него без отштета, за да им отстапи место на помладите.


Очигледно дека ова е уште една разделба во Шкендија, по заминувањето на тренерот Ќатип Османи, поради неисполнетите цели на клубот изминатата сезона. Шкендија остана без титула и во првенството и во Купот.


„Ферхан Хасани е еден од фудбалерите со голем придонес во историјата на Шкендија. Неговото име се поврзува со повеќето успеси на клубот и тој секогаш ќе остане икона на нашиот тим. Негова оценка е дека ова е моментот за повлекување од клубот и ние го испочитувавме неговото барање“, изјави спортскиот директор на Шкендија, Харун Иса.


„Мислам дека е време да им се даде повеќе простор на новите генерации. Чувствувам дека немам што повеќе да понудам на терен и ценам дека моето место може да го искористи некој друг. Шкендија е дел од мојот живот и на клубот му посакувам сѐ најдобро. Би играл уште една сезона во некоја пониска европска лига каде што обемот на работа може да се прилагоди на моите физички можности, пред конечно да ја завршам кариерата како фудбалер“, изјави Ферхан Хасани.


Буба Хасани останува еден од фудбалерите со најмногу трофеи во историјата на Шкендија. Во „црвено-црниот“ дрес на клубот од Тетово играше во три различни фази (2009-2012, 2015-2018 и 2021-2023), додека два пати ја освои шампионската титула (2011 и 2018), освои трофеи и во Купот (2016 и 2018), има и еден Суперкуп (2011).

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови