Connect with us

Победа против Израел како мотив повеќе за плеј-офот од Лигата на нациите!

Македонската репрезентација вечерва од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ ја очекува последниот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2020, против Израел. Триумф против Израелците е огромна желба на сите во националниот табор како начин за првпат во историјата да се стигне до третото место во квалификациска група.

Македонија никогаш претходно низ 12 квалификациски циклуси за пласман на ЕП и СП не успеала да стигне до третото место во групата. Па, токму тоа е силен мотив меѓу репрезентативците за победа против Израелците.

„Одлично се познаваме со Израел, игравме и во минатите квалификации. Секој меч е посебен, но јасно е дека нивни главни адути се напаѓачите, пред сè Захави и Дабур. Нападот им е доста опасен, но како тим имаат и свои слабости, кои ние ќе се обидеме да ги искористиме. Кога игра репрезентацијата сакаме поддршка, на последните натпревари имавме полни трибини, а фудбалерите вратија на најдобар начин. Подготвени сме и мотивирани повторно да ги израдуваме повторно нашите навивачи. За нас не постои притисок за да го освоиме третото место, туку ние на таа шанса гледаме како мотив. Овие фудбалери за сето тоа што го покажаа во овие квалификации заслужија да завршат како трети. Ние одиме на победа, а колку ќе биде доволно ќе видиме“ – вели селекторот Игор Ангеловски.

Оптимистички расположен пред последниот дуел е и капитенот Горан Пандев кој се враќа во тимот по отсуството на мечот со Австријците…

„Ова е последниот наш меч во овие квалификации и сакаме со победа да ги завршиме квалификациите и да се пласираме таму каде што никогаш досега не сме биле. Сакаме да бидеме трети. Игравме во овие квалификации во една неатрактивна, но тешка група и само против Австрија потфрливме, додека на останатите мечеви одигравме добро. Можеби можевме да освоиме и повеќе бодови, но решаваа нијанси. Не успеавме да стигнеме до тоа второ место за директен пласман на Евро 2020, па сега третото место би било добар резултат за нас во овие квалификации. Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторот“ – вели Горан Пандев.

Македонија против Израелците ќе стартува офанзивно со Влатко Стојановски во првите напаѓачки редови, заедно со Барди, Елмас и Пандев во линијата веднаш зад него.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови