Освојувачот на Купот, тимот на Академија Пандев, го совлада шампионот Шкендија со 1-0 во првото коло од шампионатот на Македонија. Сашко Пандев беше стрелец на победничкиот погодок, со прекрасно изведен слободен удар во 55.минута. Тој шутираше над живиот ѕид и погоди на посакуваното место изненадувајќи го Костадин Захов.
Одличен на голот на домаќинот беше Душан Чубраковиќ. Тој ги скроти шутевите на Стенио Жуниор и на Агим Ибраими во првото полувреме, како и на Фелипе во вториот дел. Посебно добра беше можноста на Бразилецот Фелипе кој шутираше од пеналтикот. Во финишот, Агим Ибраими од слободен удар погоди дирек, а две минути подоцна Егзон Бејтулаи со удар со глава ја погоди гредата од голот на Чубраковиќ.
Струга Трим Лум во дебитантскиот меч во Првата лига го победи Работнички со 2-1. Иван Марковиќ донесе водство за гостите во 14.минута. Но, Бурхан Мустафов со одличен удар од далечина израмни во 26.минута. Нијас Лена во 61.минута донесе целосен пресврт.
Башким Велија беше човек на одлука за Ренова на дуелот со Силекс (1-0). Тој со удар од далечина во 37.минута ја затресе мрежата на Силекс.
Шкупи го совлада Борец на Чаир со 2-0. Марин Јурина во 70.минута погоди за водство, а Омар Гудијаби во 87.минута и дефинитивно донесе три бода за Шкупи.
Вардар и Македонија Ѓорче Петров утре ќе го заокружат првото коло со натпреварот кој се игра на комплексот на ФФМ, со почеток во 17.30 часот.
ПРВА ЛИГА, 1.КОЛО
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА 1-0
СТРУГА ТРИМ ЛУМ – РАБОТНИЧКИ 2-1
ШКУПИ – БОРЕЦ 2-0
РЕНОВА – СИЛЕКС 1-0
УТРЕ
ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП (17.30)
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal