Украина е вториот противник на Македонија на Европското првенство. Денешниот меч (15 часот) е неверојатно важен и за двете репрезентации, а деталната анализа за украинската селекција ја направи Александар Влахо.
Европското првенство е натпреварување каде што нема многу време да се анализира она што поминало, но нема ни многу време да се анализира и она што ни претстои на натпреварот со Украина. И двете репрезентации влегуваат со отворена рана во вториот натпревар. Можеби нивната е поголема бидејќи се вратија од негатива од 2-0 и примија еден несреќен гол со глава на крајот на натпреварот кој можеби и мирисаше дека или ќе заврши нерешено или Украина има сила да направи целосен пресврт преку своите неверојатни транзиции.
Ако ја земеме статистиката во предвид ќе треба да се каже дека Холандија заслужено победи, но на теренот тоа изгледаше така само во дел од првото полувреме, посебно во воведните минути кога Холандија тргна фуриозно со голем посед, многу нафрлувања од страничните позиции, пособно со ниски уфрлувања зад одбраната и со висок пресинг по изгубена топка. Холандија играше со систем каков што играме ние и се виде дека Украина не се снајде баш најдобро во првото полувреме.
Да почнеме со детална анализа на репрезентацијата на Украина. Тим кој што се препороди по доаѓањето на Шевченко, иако првите натпревари под негово водство можеби и не ветуваа ваков успешен расплет на настаните. Но, тој е легенда на Украина и играчите го следеа, ја поправи атмосферата во целата фудбалска јавност и тоа придонесе да дојдат игрите и резултатите. Сепак, тие за ова ЕВРО се пласираа како први во групата со многу убедливи игри и многу постигнати голови. Но, тоа беше во 2019 година и после тоа во Лигата на нации завршија како последни во групата А и во последните натпревари во квалификации за Светкото првенство имаат три нерешени натпревари. Беа далеку од она што сите очекуваа да бидат, освен последниот натпревар против Франција во Париз каде одиграа нерешено, но имаа игра слична на натпреварот со Холандија.
Шевченко ја менуваше многу често формацијата иако најчесто играше во формација 1-3-4-1-2, со Малиновски како плејмејкер или главен играч во тимот. Но, по неколку повреди во тимот беше приморан да се врати на 1-4-3-3, формација со која настапи против Холандија. Имаше многу трансформации на самиот натпревар и само во дефанзива беше оваа формација или 4-1-4-1 во прелевање, но во фаза на напад многу често беше 3-5-2 со тоа што Каравааев се креваше горе високо, а Јармоленко влегуваше внатре во позиција на втор напаѓач и помош на Јаремчук во офанзивните задачи.
Да тргнеме по ред. Можеби изненадување за многумина, но на голот е Бушчан пред ветеранот Пјатов кој е една од легендите на украинскиот фудбал. Тој можеби и не е стандарден во Динамо Киев, но сепак оваа година е шампион со својата екипа и веројатно и затоа е довербата.
Во централната линија од одбраната се одлучи за тинејџерот Забарни кој се проби преку Шахтјор до стандарден член на репрезентацијата и тоа е многу храбар потег на селекторот да одигра со толку млад играч на ова ниво на натпреварување. Колку и да е талентиран, сепак голем минус е неискуството од играње на големи натпревари. Негов партнер во дефанзивата е клубпкиот другар и партнер Матвиенко и веројатно затоа Шевченко се одлучува за овој воигран тандем.
Лево можеби е изненадување што не го користи Зинченко од Манчестер Сити, но веројатно играњето на Зинченко под палката на Гвардиола и менувањето на позициите не му е чудно и може да одигра квалитетно и како централен играч за врска, но сепак за време на натпреварот многу често се извлекуваше на неговата природна позиција по лево и тука оставаше простор при противничките транзиции. Лево е релативно младиот Миколенко, а десно е стандардниот негов клупски другар Караваев кој има многу офанзивни карактеристики и мислам дека таа страна е послабата во нивната репрезентација бидејки тој е офанзивен многу, а грбот му го штити тинејџерот Забарни.
Веројатно се одлучи за Зинченко во средината поддржан од Малиновски и Сидорчук за да има повеке посед, добра техника, цврсти додавања против силниот среден ред на Холандија, но веројатно не очекуваше дека ќе добие неверојатен висок пресинг и агресија од расположената Холандија.
Лево многу малку играше Зубков и на негово место по само 12 минутиа игра влезе натурализираниот Марлос, но и тој не се наигра и беше заменет во 65 минута. Интересно е да се каже дека Шевченко направи само две замени со практично еден заменет играч. Не знам од која причина во последните минути при нерешен резултат не направи неколку замени за да го скрши ритамот на игра на Холанѓаните и да добие во време бидејки тоа беше позитивен резултат за нив и за мене тоа е една од грешките на натпреварот од тактичка гледна точка.
Во нападот се неприкосновените и најдобри нивни играчи Јармоленко и Јаремчук. Играчи од потег, големи индивидуалци, многу корпулентни и незгодни за чување. Нашите играчи ќе треба да обврнат многу внимание на нив затоа што можеби и има голема веројатност Шевченко да го смени системот на игра и да одигра во 3-5-2 со овие двајца во нападот и Малиновски позади нив.
Нивна најголема слабост е оставањето простор по страните, посебно по десната нивна страна каде играше Јармоленко чија игра во дефанзива е послаба, а по таа страна игра и офанзивниот бек Караваев. Преку 70% од нафрлувањата доаѓаа од таа страна во првото полувреме и затоа Холандија беше толку опасна. Средните играчи не одговорија добро на притисокот и оттука е надмоќноста на противникот.
Во второто полувреме ја видовме најдобрата нивна страна и нивната брзина при транзициите по кои се познати и на тоа ја базираат нивната игра. Затоа и таков беше нивниот пристап на натпреварот. Транзиции и перфектни контранапади со неколку додавања стигнуваа во завршница и на тоа Холандија немаше никаков одговор. Тие можеби не се репрезентација на највико ниво од типот на неприкосновените Франција, Шпанија, Италија, Германија и другите, но се неверојатно избалансирани, компактни посебно во сегментот на транзициите.
Тројката напред Јармоленко, Јаремчук и Малиновски кој воедно е и носител на играта на Аталанта која знаеме дека игра можеби најубав фудбал во Европа, е главен носител на транзициите и нападите на Украина. Мое мислење е ако го отсечеме Малиновски и посебно Јармоленко ќе завршиме половина од работата во дефанзива.
Ќе треба да ги сопреме директните додавања кон Јаремчук кој има одлична игра со грб свртен кон голот. Тој се обидува да привлече внимание на еден или двајца дефанзивци и со тоа создава многу простор за крилата и на Малиновски за уфрлување од втор план.
Сите нивни напаѓачи имаат неверојатни сезони во клупскиот фудбал и оттаму е нивниот оптимизам. Најмногу им недостасува можеби лево крило вистинско како Конопљанка од најдобрите денови, но и Зубков и Марлос не покажаа дека можат квалитетно да одиграат на вакво високо ниво.
Притисокот е кај Украина и нивниот селектор да ја одбере најдобрата тактика за натпреварот против Македонија. Исто голем е притисокот од јавноста да се победи нашата репрезентација и сега ќе треба да видиме како ќе се снајдат под тој притисок кога треба да нападнат и да одиграат високо со повеќе играчи на противничка половина.
Тука ја гледам шансата на Македонија. Ние не треба да играме под никаков притисок дека треба да направиме нешто туку едноставно да уживаме во она што нашите репрезентативци знаат најдобро да го прават. Мислам дека ако ги сопреме во работите кои ги спомнав погоре и привидно им оставиме простор сигурно за време на 90 минути ќе имаме неколку шанси за квалитетни контранапади и постигнување на гол. Мое мислење е дека Стефан Ристовски треба да се врати на неговата природна позиција и да се искористи неговата пробивност и интелегенција во завршната зона со што ќе добиеме и во цврстина по страна во дефанзивата.
Можеби со Кире Ристевски како лев стопер кој има заедно со Дарко Велковски има одлично додавање помеѓу линии, кој може многу да ни користи при нашите контранапади.
Мое мислење е дека не треба да влеземе со нив во отворена војна и отворена трка по целиот терен бидејки ќе се соочиме во нешто каде противникот е многу подобар и со многу посилни физички играчи. Мораме да бидеме многу интелегентни, а имаме такви играчи кои можат на еден перфиден начин со скриено додавање да решат многу сложени ситуации во средниот ред.
Ќе биде тешко да се сопрат нивните налети, ќе треба да се внимава на директните нивни додавања од Зинченко и Малиновски, но и ние имаме коњи за трка и тоа многу квалитетни. Сигурен сум дека нашите репрезентативци по почетното разочарување од поразот против Австрија и проспиената ноќ сега се многу попаметни, поискусни за едно ново и драгоцено натпреварување и со друг памет и менталитет ќе го одиграат следниот натпревар и можат да дојдат до првите бодови и изненадување ако го искористиме искуството на Пандев против младите стопери на Украина. Ќе треба да бидеме сите на 150%, компактни и многу брзо да размислуваме со многу брз проток на топка при контранападите.
Напред Македонија!
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski