Connect with us

Ветераните на Црвена Звезда гости на охридското крајбрежје (ФОТО)

Легендите на поранешниот европски првак, српскиот клуб Црвена Звезда, синоќа пристигнаа во Охрид, а денеска имаат богата агенда за тридневниот престој. Посетата е во рамки на прославата на стогодишниот јубилеј на фудбалот и фудбалскиот клуб Охрид, а ќе одиграат и ревијален пријателски натпревар со ветераните на Охрид.


Милош Шестиќ, Станислав Караси, Јован Ачимовиќ се дел од легендите кои пристигнаа, поткрепени од македонските великани Кирил Дојчиновски и Бошко Ѓуровски. Почесниот претседател Драган Џајиќ во последен момент го откажа доаѓањето во Охрид.

„Првпат како ветерани на Црвена Звезда доаѓаме во Охрид, но поголем дел од делегацијата веќе го има посетено градот, за кој само убави работи се зборуваат. Се надевам дека нашата посета ќе го израдува населението и ќе донесе малку ведрина во овие моменти на пандемијата од коронавирусот која го има главниот збор. Тука сме секогаш за нашите фанови, кои се наш ветар во грб. Се надеваме дека со оваа наша посета и следните каде ќе бидеме повикани ќе им се оддолжиме на навивачите за поддршката која ни даваа и се уште ја даваат на Црвена Звезда“, изјави Јован Ачимовиќ.

Ветераните на Црвена Звезда имаа прием и кај градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, а денеска, на градскиот плоштад ќе бидат дел од коктел во организацијата на Здружението на ветерани од Охрид, на кој фановите на „црвено белите“ ќе можат да се фотографираат со своите идоли.

„Многу се израдував кога слушнав за иницијативата и поканата да бидеме гости во Охрид. Убеден сум дека сите ќе уживаат во Охрид, а оние кои првпат доаѓаат ќе се заљубат во градот. Сите треба да го почитуваат примерот на Охрид, да се повикуваат клупските легенди од сите клубови од поранешната Југославија, бидејќи само на тој начин ќе се разбуди љубовта кон фудбалот и спортот“, изјави Бошко Ѓуровски.

www.ohridnews.com.mk

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови