Connect with us

Непријатни спомени од Букурешт пред ЕП: Романците во голеада ја добија Македонија

МАКФУДБАЛ во Букурешт,
Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби со 3-2 од Романија на Националната арена во Букурешт, во воведниот меч од новиот квалификациски циклус за СП 2022 во Катар. Со многу нереализирани шанси во првиот дел, Македонија имаше негатива од 2-0, со головите на Флорин Танасе и на Валентин Михаила, успеа да израмни на 2-2 преку Аријан Адеми и Александар Трајковски, но Јанис Хаџи во 86.минута постигна победнички погодок за Романците.


Ќе остане Македонија да жали за неискористените четири одлични шанси во првиот дел. Две од нив го имаше Илија Несторовски, по една капитенот Горан Пандев и Елиф Елмас.


Во осмата минута првата фантастична шанса за Македонија. Ја подготви Алиоски, Несторовски при зицер промаши цел фудбал, Пандев уште еднаш му подготви шут, но Нестор не го погоди голот.

Денис Ман возврати со шут откосо од десната страна, но Столе Димитриевски беше сигурен, исто како и при ударот на Банку во 15.минута.


Во 22.минута, Горан Пандев доби одлична топка, се обиде да го лобува голманот Флорин Ница, но топката отиде за малку над гредата.

И потоа дојде казната. Грешка на Елиф Елмас на средината на теренот, тежиштето се префрли во полето на Македонија, Флорин Танасе доби топка меѓу стоперите, излезе сам пред Столе Димитриевски и погоди во спротивниот агол за водство на Романија во 28.минута.


Четири минути подоцна, Македонија со колосална шанса за израмнување. Пандев одлично го проигра Елиф Елмас кој откосо од десната страна шутираше крај голот.

Во 38.минута, уште една убава можност за Илија Несторовски. По центаршутот на Николов, напаѓачот на Удинезе шутираше со глава, директно во голманот Флорин Ница.

Разван Марин добро го загреа Столе Димитриевски со удар од 30 метри, а во 45.минута, Горан Пандев падна во шеснаесетникот, бараше пенал, но доби жолт картон за „глума“.


Романија поведе со 2-0 на самиот старт на второто полувреме. Во 50. минута, Валентин Михаила го искористи пробивот во нашето поле, се одлучи за удар од 25 метри и со проектил го совлада Столе Димитриевски.


Пет минути подоцна, Кешеру беше во шанса за 3-0, но за среќа не успеа да реализира од петерецот, а на спротивната страна се закани Енис Барди со удар откосо од левата страна. Но, и тој не беше прецизен.


Во 67.минута, беше досуден индиректен удар за Македонија по лошата реакција на голманот Флорин Ница, но шутот на Барди беше изблокиран.


Шест минути подоцна уште една убава шанса за нашиот состав, овојпат за Аријан Адеми, но шутираше директно во Флорин Ница.


Во завршницата, конечно гол за Македонија. Алиоски нафрли од десната страна, а Аријан Адеми со удар со глава намали на 2-1 во 82.минута. И потоа се отвори и за нас.


Само две минути подоцна, противнапад на Македонија, Енис Барди одлично го проигра Александар Трајковски кој го матираше Флорин Ница за 2-2.


Но, кусо траеше радоста. Во 86.минута, Јанис Хаџи повторно ја доведе Романија во водство од 3-2, со удар од 14 метри.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови