Муамед Сејдини е избран за нов претседател на ФФM. Делегатите на Собранието на ФФМ денеска му укажаа доверба на единствениот кандидат за наследник на Илчо Ѓорѓиоски, кој минатата година си поднесе неотповиклива оставка на функцијата.
Во присуство на претставникот на УЕФА, Давор Шукер, Хејди Беха, претставник од ФИФА, Сашо Поповски, од МОК и заменик директорот на АМС, Газменд Ристеми, од 96 делегати на Собранието присутни беа 90, а 82 од нив гласаа „ЗА“ избор на Муамед Сејдини за нов претседател. Тој ќе има мандат до 2021 година.
“Почитувани делегати на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, почитувани претставници на УЕФА и ФИФА, почитувани претставници на државните институции, драги пријатели и соработници, претставници на медиумите. Најнапред сакам да ја искажам мојата благодарност до сите Вас за укажаната довербата. Голема е честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија и да се бориме за македонскиот фудбал. Вратата на Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ви биде отворена. Во име на нашата „Куќа на фудбалот“, сакам да Ви се заблагодарам за соработката во изминатиот период, но и да укажам на новите предизвици кои ги имаме и кој заеднички ќе се трудиме да ги исполниме. Искрено се надевам дека сите заедно ќе работиме на заедничкото создавање подобра иднина на македонскиот фудбал. Со својата професионална активност во фудбалот ќе придонесуваме за јакнењето на заедништвото и меѓусебното почитување“, изјави Муамед Сејдини по изборот на прв човек на Фудбалската федерација на Македонија.
Тој истакна дека сите заедно треба да се вложиме за подобрување на македонскиот фудбал.
„Сите ние, и федерацијата, и клубовите, и општинските сојузи, и медиумите…сите делиме придонес за зголемување на популарноста и масовноста на фудбалот. И од сите нас се очекува да создадеме услови за подобрување на атмосферата, условите и амбиентот на нашето фудбалско живеење. Со подобра инфраструктура и здрава атмосфера, македонскиот фудбал ќе изгледа уште подобро, а тоа ќе биде еден од главните приоритети и во иднина. За мене, се она што ќе го работиме со многу труд, планирање, концентрација, дисциплина – сето тоа има смисла само ако го работиме со луѓе кои навистина го сакаат фудбалот.
Оваа Федерација секогаш ќе биде отворена за добри идеи и конструктивни предлози, секогаш ќе биде отворена за луѓе кои посакуваат европски фудбал и во нашата држава.
Бидете сигурни дека со сета сила и капацитет ќе се стремиме да ги оствариме целите од Стратегискиот план на Федерацијата, а тоа значи целосна поддршка од ФФМ за Националните селекции, Општинските фудбалски Сојузи, домашното натпреварување, инфраструктурно подобрување и развој на младинскиот фудбал.
Би сакал да изразам голема благодарност до УЕФА и ФИФА, две организации кои се нераскинлив дел од нашето работење и се надевам дека ќе бидеме горди на низа заеднички проекти и во иднина.
Јасно ми е дека ќе се случуваат и грешки, како што имало и претходно, но подобро да учиме од туѓите, отколку од своите грешки.
На ова Собрание грешка не направивте. Благодарност до сите вас и уште еднаш Ве повикувам чесно и одговорно да продолжиме да даваме придонес за развој на фудбалот во Македонија”, изјави Муамед Сејдини, откако ја доби довербата да биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
На Собранието на ФФМ беше дадена дозвола на Управниот одбор на федерацијата по направена анализа да изготви промена на натпреварвањето во Вторите и во Третите лиги за натпреварувачката сезона 2020/21. Усвоени беа извешаите на претседателот и Управниот одбор на ФФМ, како и правните органи и лиценцните тела, администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план во период од 2016 до 2026 година, како и финансискиот план и завршната сметка.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski