Connect with us

Дојде објаснување зошто не беше досуден пенал за Ливерпул по играта со рака на Чуамени (ВИДЕО)

Фудбалерите на Ливерпул го совладаа Реал Мадрид со 1-0 на „Енфилд“, а единствениот гол на натпреварот го постигна Алексис Мекалистер во 61. минута. Тогаш Доминик Шобослаи изведе слободен удар, а аргентинскиот фудбалер со удар со глава донесе победа за англискиот тим.

Тимот на Арне Слот така ја запиша втората последователна победа во сите натпреварувања и излезе од мини-кризата, додека беше прекината серијата на Реал од шест победи по ред. Ова е само втор пораз на Реал сезонава, по оној од Атлетико Мадрид со 5-2 во Ла Лига. Двата тима имаат по девет бода во Лигата на шампионите.

Дали Ливерпул беше оштетен за пенал?

Контроверзниот момент се случи во 30. минута, кога Шобослаи шутираше од далечина, а топката го погоди Аурелиен Чуамени во раката. Романскиот судија Иштван Ковач досуди слободен удар, но од ВАР-собата го повикаа, бидејќи изгледаше дека играчот на Реал бил во својот шеснаесетник.

Ковач ја прегледа снимката и беше утврдено дека контактот со раката навистина се случил внатре во казнениот простор на гостите. Сепак, на изненадување на сите на стадионот, Романецот не досуди пенал, ниту слободен удар, туку ја додели топката на Реал.

Што точно се случи?

Многумина се запрашаа како е можно судијата, по видлива игра со рака, да донесе ваква одлука.
„Би-Би-Си“ ја објасни ситуацијата детално. Судиите од ВАР-собата го повикале главниот судија бидејќи забележале дека играчот на Реал играл со рака во својот шеснаесетник. Одлуката за тоа каде точно се случила ситуацијата е во надлежност само на ВАР, а не на главниот судија.

Ковач на снимката виде дека Чуамени ја допре топката со рака во казнениот простор, но процени дека не се работи за казниво играње со рака. Веројатно сметал дека раката му била премногу блиску до телото и дека не направил неприродно движење или обид да го зголеми обемот на телото.

Бидејќи не досуди потенцијален пенал, поради што и беше повикан од ВАР, имаше можност да ја поништи својата првична одлука. Тоа и го направи, па играта продолжи со доделување на топката за Реал, што значеше загубен посед за Ливерпул.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови