Connect with us

Ливерпул последен пат бил во ваква криза пред една деценија

Фудбалерите на Ливерпул доживеаја нов удар – пораз од Манчестер Јунајтед со 1-2 на „Енфилд“, резултат кој ја продлабочи кризата во редовите на „црвените“. Тимот на Арне Слот, кој сезонава започна совршено со пет победи во првите пет кола, сега се наоѓа во серија од три последовни порази во Премиер – лигата, плус неуспех во Лигата на шампионите против Галатасарај.

Со тоа, Ливерпул се приклучи на Нотингем Форест и Фулам како еден од тимовите со најслаба форма во последните три кола – нешто што сериозно ги загрижува навивачите.

Многумина се потсетија на 2014 година и времето на Брендан Роџерс, кога клубот исто така влезе во низa од лоши резултати – тогаш порази од Њукасл, Челси и Кристал Палас во Премиер – лигата, а во Лигата на шампионите – од Реал Мадрид. Таа сезона Ливерпул ја заврши на петтото место, а катастрофата во последното коло (1-6 од Стоук Сити) остана длабоко врежана во меморијата на навивачите.

И денес, критиките најмногу паѓаат на сметка на одбраната – дел кој во времето на Јирген Клоп беше препознатлив по стабилност и организација. Денешниот Ливерпул, изгледа несигурно и нефокусирано, со многу грешки кои често ги чинат бодови.

Сепак, за разлика од сезоната 2014/15, сегашниот Ливерпул има квалитет и потенцијал. Но впечатокот е дека системот на Слот сè уште не функционира целосно – составот делува неуиграно, а балансот меѓу нападот и одбраната е далеку од идеален.

Брза реакција е неопходна, бидејќи „црвените“ не смеат да дозволат оваа мини-криза да прерасне во вистински колапс.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови