Легендарниот шпански дефанзивец Серхио Рамос, по повеќе од половина година, најде нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Мексико. Поради тоа, Реал Мадрид се огласи на социјалните мрежи за да објасни зошто Рамос одлучил на дресот на новиот клуб да го носи бројот 93.
Рамос минатата сезона ја мина во Севилја, клуб во кој се врати по 18 години, и се чинеше дека таму ќе ја заврши кариерата. Но, само една година подоцна, повторно ги спакува куферите.
Минатото лето ја напушти Андалузија, но повеќе од шест месеци чекаше да пронајде нов ангажман.
Иако се поврзуваше дури и со можен камбек во Реал Мадрид, искусниот Шпанец на крајот реши да замине во Мексико, каде што потпиша договор со Монтереј, кој синоќа официјално потврди дека Рамос е нивното ново засилување.
Овој 38-годишен фудбалер потпиша едногодишен договор со мексиканскиот клуб, иако имаше побогати понуди од МЛС – лигата и од Саудиска Арабија.
Сепак, реши да ја продолжи кариерата во Мексико, а веднаш по пристигнувањето во новиот клуб направи неочекуван потег што предизвика реакција и од Реал Мадрид.
Имено, Рамос одлучи да го носи бројот „93“ на дресот, наместо легендарната „четворка“, која го следеше низ целата кариера.
Ова ги изненади многумина, па не беше јасно зошто го избрал токму бројот „93“, сè додека Реал Мадрид не се огласи на официјалната страница за да го објасни значењето, што дополнително ја изненади спортската јавност.
„Серхио Рамос ќе игра за Монтереј. Легендата на нашиот клуб избра да го носи бројот 93 во својот нов клуб поради 93. минута и голот што сите го паметиме. Ова е посвета на сите навивачи на нашиот клуб и секогаш ќе му бидеме благодарни на Серхио за тоа. Ти посакуваме многу среќа и успех“, порачаа од Реал Мадрид.
Секако, „кралевите“ мислат на голот во финалето на Лигата на шампионите во 2014 година, кога Реал Мадрид го победи градскиот ривал Атлетико.
Атлетико водеше со 1-0 до 93. минута и изгледаше дека ќе стане европски шампион. Но, во последните секунди, Рамос со глава постигна гол за 1-1 и го врати Реал во игра, а во продолженијата „кралевите“ направија пресврт и стигнаа до титулата.
„Голот во 93. минута е епски за мене. Ова е посвета на Реал Мадрид и мојата кариера“, изјави Рамос по потпишувањето на договорот.
Серхио Рамос одигра дури 671 натпревар за Реал Мадрид, постигна 101 гол и забележа 40 асистенции – навистина импресивна статистика за дефанзивец. Со Реал освои сè што можеше во 16 години колку што го носеше „белиот“ дрес.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal