
Родри стана првиот играч од средниот ред после Лука Модриќ кој ја освои „Златната топка“. Ѕвездата на Манчестер Сити оваа сезона го освои четвртиот последовен трофеј во Премиер – лигата и беше клучен играч на шпанската репрезентација на патот до титулата европски шампион во Германија.
Неговата победа остана во сенка на контроверзите, бидејќи целата делегација на Реал Мадрид ја бојкотираше свеченоста на доделување на наградите откако дознаа дека нивниот играч, Винисиус Жуниор, нема да ја добие наградата.
Во интервју за „Коп“, Родри откри дека Винисиус не му честитал.
„Винисиус не ми се јави, но не можам да кажам дека ми е жал. Ми е важно мислењето на моите блиски, семејството и клубот. Никогаш не би направил тоа што го направи Реал со избегнување на свеченоста, но не сакам да зборувам за тоа. Не ме повреди што Реал не присуствуваше, го почитувам секој избор, но велам, јас би постапил поинаку.“
Родри исто така откри дека според неговиот избор, Винисиус би бил на трето место.
„Би гласал за Дани Карвахал на второто место, а потоа за Винисиус“, истакна Родри.
Родри е моментно повреден од крајот на септември поради оштетување на предниот крстен лигамент и менискусот во десното колено.
„Чувствувам дека можам да се вратам уште оваа сезона. Тоа е можно и се надевам дека ќе се оствари. Не си создавам притисок, приоритет ми е да имам што поквалитетно закрепнување, а потоа ќе видиме. Сезоната е долга, имаме и продолжено Светско клупско првенство, така што се надевам дека ќе одиграм некој натпревар“, изјави освојувачот на „Златната топка“.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Гостивар го напушти теренот откако прими два гола и мечот не се доигра, но...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Ќе си ја земам топката и ќе си одам – Кај ќе одиш, на апарати?!
Кај нас во маало, а верувам и во други маала низ нашава Македонија, најубавата...
Автор Nikola Gjurovski