Connect with us

Грнев: Треба малку трпение за после пет месеци пауза да се достигне посакуваното ниво

По првите две фази од подготовките, фудбалерите на Кит Го од денеска повторно се во својата база во Пехчево каде ќе биде реализирано финалето од подготовките за стартот на новата сезона во Втората лига – Исток.

Шефот на стручниот штаб Емил Грнев е задоволен од досега реализираното, иако е свесен дека ќе треба да мине извесен период фудбалерите да се вратат на нивото од пред кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

„Ако се земе во предвид дека работиме во време на пандемија задоволен сум од ангажманот и упорноста на сите играчи. Нормално е да се чувствува кај фудбалерите долгата пауза од пет месеци. Мора да бидеме трпеливи за да си дојдат работите на свое место“ – вели Грнев, и дополнува:

„Мора да кажам дека новите фудбалери добро се вклопуваат во нашите замисли, и верувам дека ќе бидат од голема помош за тимот. На досегашните пријателски натпревари не бевме оптоварени од резултатскиот императив. Важно беше воигрување на тимот а формата ја темпираме за стартот на првенството“.

Кит Го на последниот тест дуел ремизираше (2-2) на гостувањето против членот на Втората лига – Запад, екипата на Кадино. Генералката, пред стартот на новата сезона, треба да биде против гевгелиски Кожуф.

„Верувам дека ќе имаме добар тест дуел. Секако останува она најважното во овој момент, пред се здравјето во време на оваа светска пандемија“ – истакнува стратегот на Кит Го.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови