Connect with us

Само триумф во Рига ја задоволува Македонија

МАКФУДБАЛ во Рига,

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (18 часот) во Рига ќе го одигра натпреварот од третото коло во Лигата на нации против селекцијата на Летонија. По ремито со Фарски Острови и триумфот над Ерменија, нашите најдобри фудбалери се во мисија да освојат шест бода од претстојните две гостувања, против Летонија и против Ерменија.


Селекторот Благоја Милевски е оптимист, уште еднаш потенцираше дека Македонија е селекцијата која што ќе се прашува за првото место во групата до крајот на овој циклус во Лигата на нации.

„Летонија има максимален респект од нас, но концентрацијата е на нашата игра и тоа како ќе изгледаме на терен. Потенцирам дека Македонија ќе се прашува за првото место во групата. Ќе ни недостасуваат Зајков и Серафимов, кои имаат картони, но и Чурлинов и Трајковски, кои се повредени. Сепак, сите кои се во комбинација за настап ќе одговорат на предизвикот и на тоа што се очекува од нив. Размислувам за повеќе опции за стартниот тим, верувам дека сите останати ќе бидат здрави и ќе се стават во функција на тимот. Македонија која јас ја замислувам секогаш ќе се стреми да игра на победа. Овие момци ја добиваат и ја заслужуваат целата почит. Без разлика дали играат во своите клубови или не, го даваат својот максумум кога играат за Македонија. Притисокот ни дава мотив да се натпреваруваме сами со себе и да видиме до каде се нашите лимити. Кога веќе некој очекува нешто големо од вас, тоа значи дека вредите. Денес ако немате правилен пристап, нема да победите и послаби противници дури и да играте максимално“, изјави селекторот Благоја Милевски.


Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди го дели оптимизмот на селекторот Благоја Милевски во пресрет на денешниот дуел против Летонија.

Барди беше дел од претходниот дуел на Македонија против Летонија во септември 2019 година во квалификациите за Европското првенство. Нашиот капитен постигна гол во победата од 0-2 во Рига.

„Како и секогаш, одговорноста е кај сите нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години. Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап. Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет. Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“, истакна Барди.

Натпреварот меѓу Летонија и Македонија ќе се одигра денеска, со почеток во 18 часот, на стадионот на Сконто Рига, со капацитет од околу 7.000 седишта.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови