Connect with us

Куман: Бевме можеби и поблиску до финалето, тие постигнаа гол на крајот, а судијата го уништи мечот

Селекторот на Холандија, Роналд Куман, беше разочаран по поразот (1-2) од Англија и елиминацијата на неговиот тим на чекор до финалето на ЕВРО 2024. Сепак, тој ги пофали своите играчи за настапот на турнирот и смета дека тимот има голема иднина пред себе.


Освен тоа, тој му честиташе на противникот за успехот и додаде дека нема да биде изненадување ако „трите лава“ го освојат и финалето против Шпанија.

„Англија ни создаде проблеми во средината на теренот во првото полувреме. Не успеавме да контролираме како тие се движеа преку Белингам и Фоден. На полувремето внесов уште играчи во средниот ред и успеавме да ги изедначиме силите. Имав чувство дека во финалните 20 минути ние бевме посвежи, но тие постигнаа прекрасен гол на крајот и тоа е дел од фудбалот. Можеби заслуживме да стигнеме до продолженија, но што да се прави. Горд сум на моите играчи бидејќи имавме одличен турнир“, изјави Куман.

„Разочаран сум од резултатот. На почетокот започнавме добро и постигнавме гол, но потоа дојдоа проблемите во средниот ред, што им овозможи на опасните играчи како Фоден и Белингам да ја преземат контролата. По промените на полувремето успеавме донекаде да ја вратиме контролата и во последните 20 минути верувавме дека можеме дури и да победиме. Но тогаш случи нивниот гол – многу убав гол, токму на крајот“, додаде селекторот на Холандија.

Тој го критикуваше судијата Цвајер, посебно за пеналот.

„Тоа е очајна одлука… Што треба да направите како дефанзивец? Ова не е пенал. Дензел Дамфрис сака да ја блокира топката, Кејн шутира и го удира во ногата. Со вакви одлуки фудбалот го уништуваат, поради ВАР.

Имам чувство дека нашите играчи беа нервозни поради судењето. Мислам дека свиреше за многу глупави работи. Кога англиските играчи паѓаат така во својата земја, не добиваат фаул, но сега ги добија сите. Имаше многу пати кога нешто не беше правилно, но не изгубивме поради тоа. Изгубивме затоа што постигнаа величествен гол за 2-1. Понекогаш мислев дека судијата премногу лесно свиреше фаули кои не постоеја“, рече Куман.

„Верувам во иднината на овој тим. Тој може многу повеќе, а имаме и други играчи кои можеме да ги вклучиме. Работевме напорно и создадовме силна врска меѓу нас. Бевме блиску до финалето, горд сум на тимот. Чави Симонс исто така одигра силен натпревар. Тој секогаш работи напорно. Среќен сум за него и верувам дека има голема иднина пред себе.“

„Англија играше добро, особено откако поведовме со 1-0. Шпанија покажува одличен фудбал, имаат возбудливи крилни фудбалери и добро ја градат својата игра од одбраната. Но Англија е во финалето, и иако Шпанија игра на високо ниво, можеби сепак Англија ќе победи“, заврши Роналд Куман.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови