Connect with us

Ќатип Османи: Слован е силен тим, но подготвени сме за позитивен резултат во Братислава

Македонскиот првак Струга Трим Лум ги брои последните денови пред првиот меч против Слован Братислава на гости, во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Тренерот Ќатип Османи се осврна на подготвителниот период, но и на дуелот против словачкиот шампион кој е закажан за в среда од 19 часот во Братислава.

„За време на подготвителната фаза, покрај тренинзите што ги имавме, одигравме и неколку пријателски натпревари. Севкупно, задоволен сум од ангажманот на фудбалерите, како на тренинзите така и на натпреварите што ги одигравме. Мислам дека сме подготвени за првиот натпревар со Слован Братислава“, вели Османи.

„Што се однесува до пријателските натпревари, направивме некои грешки што се појавија самите поради замор и неповолниот временски период за фудбал. Ми е драго што фудбалерите дадоа максимум и на овие натпревари, без да го намалат интензитетот на работата. Сето ова нè прави подготвени за дуелот со Слован Братислава“, истакнува тренерот на Струга Трим.

„Задоволен сум од ангажманот како на новите фудбалери, како и оние што веќе ги имавме во екипата. Што се однесува до новите засилувања, можам да кажам дека сум многу задоволен од нивниот ангажман и сакам да се заблагодарам на раководството за оваа одлична работа и можноста да работиме со професионални фудбалери. Некои од нив сè уште имаат потреба од време за адаптација во тимот, но генерално, со професионализмот што го имаат, се обидуваат максимално да се прилагодат на околината и на екипата. Мислам дека можеме да постигнеме многу добри работи како тим“, посочува Ќатип Османи.

Фокусот, секако, е на првиот дуел со Слован Братислава.

„Сигурно дека го анализиравме противникот, имаме информации од нивните пријателски натпревари оваа сезона, од некои натпревари од минатата сезона во првенството, но и од минатата сезона во Европа. Тие се многу добар тим, тим што секогаш игра во Европа и многупати е шампион на Словачка. Сепак, и ние имаме наши квалитети и преку тоа што го знаеме и најдобро го правиме, ќе се обидеме да извлечеме позитивен резултат во Братислава, што ќе ни даде повеќе надеж за возвратниот натпревар овде во Охрид“, истакна шефот на стручниот штаб на Струга ТЛ.

Возвратниот натпревар во Охрид против Слован Братислава ќе се одигра на 17 јули со почеток во 17 часот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови