Connect with us

Вардар и Струга ТЛ во јуриш на трофејот: Пехарот носи и излез во Европа

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, вечерва ќе има можност да ја запечати својата ренесансна сезона со трофеј, откако по цели 18 години повторно ќе игра во финалето на Купот на Македонија. По години на финансиска криза и организациски турбуленции, „црвено-црните“ оваа сезона се вратија на вистинскиот пат, со стабилизирано раководство, исплатени долгови и тим изграден од квалитетни засилувања.

Под водство на тренерот Гоце Седлоски, Вардар игра цврст и ефикасен фудбал, а финалната пресметка со Струга Трим Лум ќе биде шанса за крунисување на целата сезона. Освојувањето на Купот не само што би донело трофеј во витрините на клубот, туку и пласман во квалификациите за Конференциската лига – европска сцена која Вардар одамна ја нема почувствувано.

„Подготвени сме за предизвикот и верувам дека ќе успееме да славиме, доколку фудбалерите одиграат во ист стил како и изминатите неколку месеци“, порача оптимистички тренерот Седлоски.

Противникот, Струга Трим Лум, иако ја загуби шампионската титула од Шкендија оваа сезона, останува исклучително силен ривал. Тренерот Илчо Ѓорѓиоски верува во успех и најавува борбен натпревар.

„Го респектираме Вардар, но знаеме каков квалитет имаме. Ќе дадеме сè од себе за да го освоиме трофејот“, изјави Ѓорѓиоски.

Финалето на Купот на Македонија се игра вечерва со почеток од 20 часот на националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Вардар важи за умерен фаворит според обложувалниците, делумно и поради тоа што ќе има силна поддршка од своите навивачи на домашен терен.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови