Connect with us

Тудор: Не знам дали заслуживме, но најважно е дека го победивме Интер

Во италијанското дерби полно со пресврти, Јувентус синоќа на свој терен го совлада Интер со 4-3, а победничкиот гол падна во судиското продолжение. Тренерот на „старата дама“, Игор Тудор, призна по натпреварот дека не е сигурен дали неговиот тим ја заслужил победата во ова лудо соочување, но истакна дека е задоволен поради освоените три бода.

Јувентус започна силно и двапати водеше со головите на Лојд Кели и на Кенан Јилдиз, но Интер се врати и направи пресврт на 2-3 благодарение на двата погодоци на Хакан Чалханоглу и голот на Маркус Турам.


Кога се чинеше дека гостите ќе однесат бодови, следуваше нов пресврт. Најпрво Кефрен Турам израмни, а во самата завршница 19-годишниот Василије Аџиќ со спектакуларен удар да ја донесе победата на Јувентус.

„Ова беше луд натпревар, многу голови, подеми и падови, на крај сме навистина среќни што победивме одличен тим со висок квалитет“, изјави Тудор. „Задоволни сме, но ова беше само трет натпревар, ни остануваат уште 35.“

Младиот Аџиќ беше неочекуван јунак од клупата, а Тудор објасни дека одлуката да му даде шанса била планирана.


„Последниве пет-шест месеци работиме со него затоа што веруваме во неговиот квалитет. Се обидувавме да промениме некои навики што не ни се допаѓаа, а тој тоа го прифати со вистински став. Цела недела гледавме дека е во добра форма и имавме идеја да го вметнеме. Има удар од далечина кој е искрено редок во фудбалот. Мора да го сфати овој гол како знак да продолжи да работи уште понапорно“, истакна Тудор.

Со оваа победа Јувентус го задржа стопроцентниот ефект по три кола во Серија А, што првпат им успева од сезоната 2018/19. Сепак, Тудор остана самокритичен за изведбата на својот тим, особено во второто полувреме кога Интер доминираше.

„Во вакви натпревари нема фаворит. Интер има огромен квалитет, тоа е светска класа. Нашата изведба не беше на нивото што можеме, особено во поглед на пресингот, но гладта на оние кои влегоа од клупата ни помогна да ја оствариме победата. Не знам дали беше заслужена, или ремито ќе беше поправедно, но тоа е фудбал“, призна хрватскиот тренер.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови