Connect with us

Тиквеш го доби дербито со Брегалница: Мојсов го освои Штип (ФОТО)

Брегалница имаше повеќе од играта со бројни можности за погодок во дерби пресметката од 5. коло во Втората лига – Исток, но сето тоа залудно кога на крајот трите бода од Штип ги носи Тиквеш по триумфот од 0-1 благодарение на погодокот на искусниот Ѓорѓи Мојсов во 72. минута од натпреварот.

Уште во 10. минута првата посериозна можност за Брегалница. Мартин Стојанов одлично шутираше од 16 метри, но одбрани гостинскиот голман Игески.

Во 22. минута одлично по левата страна проби Мичковски, го проигра Велинов но неговиот шут заврши над голот на Тиквеш. Во 30. минута и Пепи Ѓорѓиев се најде во одлична позиција, по проигрувањето од Анес Османовски, но неговиот обид од 7-8 метри го брани гостинскиот голман.

Во 34. минута најзрелата можност. Мичковски извонредно нафрли, Мартин Стојанов во одличен обид со глава но Игески повторно брани овојпат спасувајќи сигурен погодок. И во 40. минута повторно супер-шанса за Брегалница. Миленковски нафрли пред голот на кавадарчани, каде Ѓорѓиев се обиде со глава но повторно одбрани голманот на Тиквеш.

Второто полувреме повторно со подообра игра на Брегалница. Во 55. минута Пепи Ѓорѓиев се најде во одлична позиција шутираше од полуволеј од 15 метри, но Игески уште еднаш брани не дозволувајќи водство на „сините“.

Веднаш потоа најголемата шанса за Брегалница. Пепи Ѓорѓиев во 59. минута изби сам пред голот на гостите, го мина и голманот и кога сите ја видоа топката во мрежата на Тиквеш од самата гол линија спасува Ванче Шиков. Во 61. минута и Анес Османовски извонредно шутираше од 20 метри, но сантиметри покрај левиот дирек од гостинскиот гол. Во 69. минута и Стојанче Велинов се обиде директно од слободен удар од 25 метри, но над голот.

И кога не се реализираат шансите на спротивната страна следи казната. Во 72. минута по корнерот од левата страна, капитенот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов одлично на првиот дирек со глава сместува во мрежата на Брегалница за водство од 0-1.

Во продолжението, гостите со постојани прекини при секој дуел задржуваа време во континуитет, неутрализирајќи ги нападите на Брегалница која имаше шанса во 86. минута преку Мартин Стојанов но Игески повторно одбрани.

Во 90. минута Игески повторно спасуваше по обидите на нововлезените Ристе Наумов и Иван Настевски, но и Пепи Ѓорѓиев кога топката повторно само сантиметри заврши покрај голот на Тиквеш.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (5. КОЛО)
БРЕГАЛНИЦА – ТИКВЕШ 0-1 (0-0)
Градски стадион Штип. Гледачи: 4.000. Стрелец: Мојсов 72′ (Т).

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови