Connect with us

Реал автоматски го продолжи договорот на Бензема – Французинот останува до јуни 2024

Реал Мадрид одлучи да го продолжи договорот со напаѓачот Карим Бензема на уште една година. Ова се случи откако автоматски е активирана клаузулата во договорот на фудбалерот, а претходно тој имал разговор со претседателот Флорентино Перез и дал согласност, открива „АС“.

Французинот, кој во декември ќе наполни 36 години, ќе продолжи да го носи дресот на „кралевите“ до летото 2024 година.

Речиси сигурно тоа ќе биде последна сезона за Бензема во Реал и тој е свесен за тоа.

Клубот веќе потпиша со Бразилецот Ендрик, кој на „Сантијаго Бернабеу“ ќе пристигне во 2024 година. Во меѓувреме, Мадрид продолжува да бара опции за засилување на нападот, а најчесто се споменуваат имињата на Ерлинг Халанд и на Килијан Мбапе.

Засега, сепак, Реал ќе продолжи да типува на Бензема како главен напаѓач. Французинот го игра најквалитетниот фудбал во својата кариера во последните години и беше клучен за 14. титула на Реал во Лигата на шампионите, постигнувајќи вкупно 15 гола, од кои некои беа непроценливи во пресметките против ПСЖ, Челси и против Манчестер Сити.

Бензема, кој беше доведен во Реал во 2009 година од Лион, има вкупно 349 гола и 165 асистенции на 640 натпревари за клубот. Интересно е што најмногу голови има против вечниот непријател Барселона – вкупно 16.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови