
Инцидентите на натпреварот меѓу Башкими и Брегалница во Куманово, според соопштението од штипскиот клуб, откриваат сериозни пропусти во организацијата и безбедноста на мечот. Иако натпреварот формално беше без публика, присуството на неслужбени лица покрај теренот и нивните наводни притисоци врз судиите и играчите ја поставуваат под сомнение способноста за контрола на вакви настани.
Брегалница изразува сериозен револт и загриженост за безбедноста и регуларноста на натпреварот, наведувајќи дека таквите ситуации не само што го нарушуваат спортскиот дух, туку и потенцијално можат да предизвикаат сериозни инциденти.
Во соопштението на Брегалница, се вели:
Денешното дерби во Втората лига го одбележа инцидентот (веќе неколку пати домаќинот е во улога на иницијатор) каде за малку посериозно не настрадаа судиите и нашите фудбалери. Иако без гледачи, неслужбени лица од таборот на домаќините беа тие кои го предизвикаа инцидентот, поради кој беше прекинат натпреварот.
Константните притисоци уште од првата минута, заканите кон судиите и гостите ескалираа кога во првото полувреме неколку неслужбени лица од домашниот табор вербално го нападнаа главниот судија Иванов, неговите помошници и дел од гостинските фудбалери. Причина за нападот беше судискиот свиреж при акција на домаќините бидејќи во моментот на теренот имаше две топки. Главниот судија, по правило, ја прекина играта за да се отстрани едната топка. На тоа бурно реагираа неслужбени лица кои влегоа во теренот и почнаа вербално да ги напаѓаат гореспоменатите лица.
Помошниот судија кој беше од страната на клупата на домаќините во текот на целиот натпревар беше изложен на напади и константен притисок, со тоа и не можеше да се фокусира на случувањата на теренот, па направи неколку кардинални грешки кои директно влијаеа на резултатот.
Упатуваме апел до ФФМ, детално да се разгледа ситуацијата и конечно да се спроведе законот и на оние терени на кои досега се прогледуваше низ прсти.
Фудбалските терени не смеат да бидат поле за етнички и политички препукувања, а уште помалку место за демонстрација на насилство!
Со почит,
Управа на ФК Брегалница

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Вардар го доби вечното македонско дерби со брзината и генијалните потези на Роџерс Мато,...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Јас би ја казнил Шкендија 59 меча да игра без публика!
Трагедијата во Кочани се случи, сигурно дека можеше да се превенира, но со оглед...
Автор Nikola Gjurovski