Connect with us

Разочарувачки дебакл против Австријците: Македонија убедливо поразена (1-4)

Фудбалската репрезентација на Македонија го забележа вториот последовен пораз на домашен терен, губејќи од Австрија со 1-4 на „Тодор Проески арена“, во четвртото коло од квалификациите за ЕП 2020. Со очајна одбрана, наттрчани на секој дел од теренот, македонските репрезентативци не можеа да парираат против моќната Австрија која ги прегази со бундеслигашки стил на игра. Се одбиваа и паѓаа во секој дуел, не можеа да ги „уловат“ по страничните позиции, а да не беше Столе Димитриевски можеа да примат – буквално десет гола!

Македонија поведе во 18.минута со автоголот на Мартин Хинтерегер. Австријците израмнија на шест минути пред одморот, со погодокот на Валентино Лазаро. Арнаутовиќ од пенал ја доведе Австрија во водство во 62.минута, а потоа и го потврди триумфот со уште еден погодок во 82.минута. Конрад Лајмер во 86.минута ја нокаутира грогирана нашата селекција.

На самиот старт, Марко Арнаутовиќ најави дека ќе биде голема опасност кон голот на Столе Димитриевски. Излезе сам пред нашиот голман, но тој одлично интервенираше и спаси сигурен погодок. Во 12.минута уште една одлична шанса за Австријците. Марсел Сабицер беше во можност, но за среќа шутираше крај левиот дирек.

Македонија поведе во 18.минута. По нафрлената топка од левата страна, Мартин Хинтерегер си постигна неверојатен автогол. Сакаше да ја врати топката до голманот Хајнц Линднер, но го измами и ја затресе сопствената мрежа.

Австрија можеше да израмни пет минути подоцна. Повторно Марко Арнаутовиќ беше во колосална шанса, шутираше, но Столе Димитриевски бравурозно одбрани.

Во 31.минута, одлична шанса пропушти капитенот Горан Пандев. Алиоски нафрли од левата страна, Пандев ја смири, шутираше со левата нога, но крај голот на Австрија.

Дојде казната на спротивната страна. Лазаро доби одлична топка во шеснаесетникот, Алиоски задоцни, а тој од прва ја смести топката зад грбот на Столе Димитриевски.

Во 44.минута, Марсел Сабицер го погоди дирекот од голот на Македонија, а на одмор се замина со 1-1.
Австрија продолжи да реди шанси и во вториот дел. Во 50.минута, повторно Марсел Сабицер имаше одлична шанса, шутираше со глава, а Столе Димитриевски уште еднаш одлично одбрани.

Беше евидентно дека сме многу ранливи по страничните позиции и селекторот Игор Ангеловски интервенираше, ги уфрли Марјан Радески и Кире Ристевски, за да ги зацврсти редовите. Но, и тоа не помогна.

Сабицер го претрча Бејтулаи по левата страна, а тој направи прекршок за пенал. Марко Арнаутовиќ беше сигурен реализатор на најстрогата казна за водство на Австрија (1-2).

По примениот гол, Македонија се обиде преку Пандев и нововлезениот Радески, но без посериозен ефект кон голот на Хајнц Линднер.

Сите надежи паднаа во вода во 82.минута, кога Марко Арнаутовиќ го постигна третиот гол за Австријците.

По центаршутот од левата страна, се „поклони“ со глава на петерецот и ја потврди победата на својата селекција.

Четири минути подоцна, Конрад Лајмер, со мала помош на Бајтулаи, уште еднаш погоди во мрежата на Столе Димитриевски, за конечни 1-4.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2020

МАКЕДОНИЈА – АВСТРИЈА 1-4 (1-1)

„Тодор Проески арена“ во Скопје. Гледачи: 10.000. Судија: Алексеј Есков (Русија). Стрелец: Хинтерегер а.г. 18’ (Македонија), Лазаро 39’, Арнаутовиќ 62’, 82’, Лајмер 86’ (Австрија). Ж. картони: Елмас, Бејтулаи, Велковски (Македонија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Бејтулаи, Велковски, Алиоски, Адеми, Барди, Николов (67’ Хасани), Елмас (56’ Ристевски), Пандев, Несторовски (56’ Радески).

АВСТРИЈА: Линднер, Улмер, Драговиќ (46’ Пош), Хинтерегер, Илсанкер, Шлагер, Лајнер, Лајмер, Лазаро, Сабицер (90’ Шауб), Арнаутовиќ (89’ Бургшталер).

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови