Connect with us

Почнува Серија А: Тројца Македонци и променетиот Интер кој ја брани титулата

Почнува Серија А, со тројца Македонци, Елиф Елмас во Наполи, Горан Пандев кој ќе игра уште една година во дресот на Џенова, и Илија Несторовски кој ќе биде дел од Удинезе.


Минатогодишниот шампион Интер беше по вкус на најголемиот дел од вљубениците на фудбалот во Италија. Две третини од Италијанците, се разбира, доколку не се сметаат страстните фанови на клубовите беа среќни што заврши доминацијата на Јувентус. Вечниот шампион од последната деценија беше спречен да го освои десеттото „скудето“ по ред. Антонио Конте победнички го заокружи проектот на Интер, кој беше многу поперспективен, со титула, но потоа се повлече, предвидувајќи го она што следува.


Диктатот од Пекинг беше јасен уште од претходно, клубот мора да биде самоодржлив и проблемите што ги имаше Сунинг за време и во периодот по коронавирусот ја испразнија кинеската инвестиција. Наместо Интер повторно да го засили тимот, Хакими прв беше продаден, а на новиот тренер Симоне Инзаги му беше ветено дека остатокот од тимот ќе биде спасен. Тој беше избран поради континуитетот во формацијата 3-5-2, но се соочи со горчлив факт, шампионот не можеше да одолее на продажбата и на Ромелу Лукаку.


Покрај тоа, од 120 милиони, само 30 или 40 милиони евра можат да инвестираат во нови играчи. „Нероаѕурите“ одговорија со доведување на ветеранот Џеко од Рома, но тоа се чини дека не е доволно. Чалханоглу пристигна како слободен играч, како и резервниот голман Кордаз.


Интер се уште е во потрага по друг шпиц, но играчи како Кореа од Лацио или младиот Распадори од Сасуоло нема да ја подигнат температурата кај навивачите. Аталанта бара премногу пари за Запата, Влаховиќ е невозможна мисија. Го доведоа и Дамфрис, десниот бек на Холандија, како замена за Хакими, но прашање е каква замена ќе биде тој. Интер има тим за борба за најдобрите 4, но многумина веруваат дека ја загубиле титулата уште пред да започне.


Јувентус се врати на основните постулати. Доста беше со експерименти како Сари или Пирло, трофејниот Макс Алегри се врати на клупата и го презеде кормилото со поголем авторитет. Тој го задржа поголемиот дел од тимот, доби одличен играч во Локатели, го има и младиот напаѓач Кајо Хорхе, и се чини дека нема да му пречи ако замине Роналдо.


Во моментов, тој дејствува како вишок во однос на создавање тим во кој фокусот ќе биде на Дибала и на Киеза. Јуве ги сочува стоперите, Ругани се врати, единствено што не го реши е заминувањето на Арон Рамзи, а Велшанецот го спречува доаѓањето на Пјаниќ. Роналдо најверојатно ќе остане, и ако Мендеш сепак најде решение, тогаш можеби доведувањето на Габриел Хесус од Сити би било решение, иако тоа е малку веројатно.

Основниот впечаток е дека Алегри располага со два квалитетни тима и повторно е главен фаворит за титулата.
Аталента може да достави кандидатура за шампионскиот трофеј, колку и да звучи тоа чудно. Работат паметно, инвестираат во нови млади играчи, го задржаа тимот што го играше најдобриот фудбал од претходните сезони во Серија А. Го продадоа Ромеро, но Демирал повторно пристигна од Јувентус. Госенс остана, очигледно Запата ќе го направи истото, а овој континуитет што го има Гасперини со тимот сега има и малку проширена клупа.

Милан остана без Донарума и Чалханоглу, не успеаја да постигнат договор со слободните играчи, но реагираа со доведување на голманот од Лил, Мајк Мањан, го купија Томори од Челси, а пристигна и Оливие Жиру, што треба да биде најискусниот напад во лигата со Ибрахимовиќ. Следеше вистинска француска револуција, Бакајоко е на прагот, пристигна поранешниот капитен на Рома, кој пристигна од ПСЖ, Алесандро Флоренци. Многумина веруваат дека Милан не може да ја повтори сезоната, дека премногу се потпираат на Златан, кој влегува во петтата деценија од животот. Малдини се обидува да состави тим без пари, го спаси Брахим Дијаз со позајмици, се обидува да го привлече Иско или евентуално скапиот Никола Влашиќ од ЦСКА Москва, со цел да го комплетира и средниот ред.


Со Рома, Наполи и Лацио веројатно завршуваат изборот на кандидати кои би можеле да се наметнат за врвот.

Рома е во процес за создавање, има возбуда со доаѓањето на Мурињо, иако семејството Фридкин нема пари да му ги донесе сите играчи што ги бараше. Сигурно е дека Португалецот, кој беше пречекан како цар, ќе ги заостри работите, ги доби како нови играчи Абрахам кој треба го замени Џеко, Шомуродов пристигна од Џенова, голманот Руи Патрицио е на голот, а Виња од Палмеирас ќе биде опција за левата страна додека не се опорави Спинацола.

Многу ќе зависи и од здравствената состојба на Заниоло по двете сериозни повреди, Мурињо го расчисти тимот, но некои играчи како Нзонзи не успеаја да ги продадат. Се вели дека Португалецот не е задоволен од пазарот, дека бара уште неколку играчи како Закарија од Борусија Менхенгладбах или Дилејни од Борусија Дортмунд.

Наполи има нов тренер, Лучијано Спалети, откако во неверојатни околности во последното коло си пукаше во нога, со ремито против Верона му подари на Јувентус влез во Лигата на шампионите. Гатузо замина, пристигна Спалети. Долго време беше цел на Де Лаурентис, сега стигна на југот, но засега нема звучни засилувања. Хисај и Максимовиќ заминаа како слободни агенти, Бакајоко се врати во Челси.

За Спалети најдобрата вест би била да го држи актуелниот тим заедно, пред се да остане Кулибали. Ние очекуваме да блесне конечно Елиф Елмас кој треба да има многу поголема минутажа оваа сезона под раководство на Спалети.

Лацио отвора нова ера, сосема поинаква, по 3-5-2 и пет години со Инзаги пристигна Маурицио Сари. „Командантот“ има многу поинаков поглед на фудбалот, ќе видиме што ќе добие од тимот. Сергеј Милинковиќ Савиќ и Имобиле се уште се на „Олимпико“. Ветераните Пароло и Лулиќ го напуштија Рим, така што ова е буквално нов почеток.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови