Connect with us

Почнува Ла Лига: Реал го брани трофејот, Барса направи револуција, Атлетико беше тивок

Шпанската Ла Лига се враќа вечерва. Eлитното ниво на шпанскиот фудбал ќе ја отвори сезоната 2022/23 со натпреварот помеѓу Осасуна и Севилја.


Осасуна, која минатата сезона заврши на десеттото место, ја отвора сезоната со домашен натпревар против Севилја. Гостите се разделија со Жул Кунде, кој се пресели во Барселона, но Андалузијците кои ги предводи поранешниот селектор на Шпанија и тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, се надеваат на добар почеток.

Актуелниот шампион Реал Мадрид уживаше во добра претсезона со освојувањето на Суперкупот на Европа против Ајнтрахт Франкфурт. „Кралевите“ се разделија со неколку играчи, па дури Иско и Лука Јовиќ го напуштија тимот на слободни трансфери. Сепак, Реал потроши 80 милиони евра за Аурелиен Чуамени, кој дојде од Монако. Се очекува Французинот сериозно да го засили средниот ред на „белите“.

Тие ја отвораат својата сезона во Ла Лига против Алмерија, која минатата година ја освои Сегунда дивизион, втората шпанска фудбалска лига. Добрата форма на Карим Бензема навестува голгетерско шоу. Оваа сезона Французинот би можел да се приближи до најдобрите три стрелци во историјата на шпанското првенство, моментално е на осмото место со 219 гола, но четвртиот Хуго Санчез, уште една легенда на Реал Мадрид, е само 15 гола пред него.

Најголем противник на Реал Мадрид, дефинитивно е Барселона, која бурно ги започна подготовките за оваа сезона. Каталонците успеаја да ја ангажираат мегаѕвездата на Баерн Минхен, Роберт Левандовски. Останатите засилувања на „Камп Ноу“ се Жул Кунде, Рафиња, Франк Кеси и Андреас Кристесен кои пристигнаа на слободни трансфери.

Сепак, Барселона ја тресе финансиска криза која продолжува да го спречува тимот да ги регистрира новите играчи и сè уште не е јасно дали тоа ќе се случи навреме за нивниот прв натпревар во Ла Лига. Тие ја отвораат сезоната со натпреварот против Рајо Ваљекано, тимот на Столе Димитриески.

Атлетико Мадрид почнува со амбиции да го повтори достигнувањето од сезоната 2020/21, кога станаа шампиони. Тие во првото коло од Примера ќе играат против Хетафе. Тимот на Диего Симеоне имаше тивок преоден рок, а Науел Молина, надежниот 24-годишен десен бек кој минатата сезона играше за италијанскиот Удинезе, е највпечатливото засилување во тимот, заедно со Аксел Витсел.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови