Connect with us

Моќна Македонија: Рапсодија против Казахстан за залет кон ЕП!

Фудбалската репрезентација на Македонија со убедлива победа (4-0) над Казахстан зема залет за Европското првенство. Алиоски од пенал го отвори резултатот во 35.минута, Иван Тричковски зголеми на 2-0 на стартот на вториот дел, а во финишот се истакнаа и младите сили, Милан Ристовски со гол првенец во 74.минута и Дарко Чурлинов само две минути подоцна. Вреди да се напомене дека Казахстан цело второ полувреме го одигра со фудбалер помалку поради исклучувањето на Мужиков, кој доби црвен картон за груб старт над Кире Ристевски.

Можеби и не е вистинско квалитативно мерило, но последниот тест е апсолутно успешен и сега избраниците на селекторот Игор Ангеловски се фокусираат на историскиот настап на ЕП. На 8 јуни, националниот тим патува за Букурешт, пет дена подоцна следи дуелот со Австрија.

Македонија е моќна за Казахстан, го знаевме тоа и од претходно, но Горан Пандев, Езгјан Алиоски, Елиф Елмас покажаа класа. Се надоврзаа и младите сили и селекцијата на Ангеловски делува сериозно подготвена за европски дострели.

Елиф Елмас направи дар – мар во противничката одбрана, беше соборен во 35.минута, а пеналот успешно го изведе Џани Алиоски.

Во 57.минута, одлична акција на нашиот национален тим. Пандев мајсторски го уфрли Костадинов, тој од прва врати на пеналтикот, а Иван Тричковски ја затресе мрежата на Казахстан.


Ангеловски направи неколку замени, влегоа Трајковски, Аврамовски, Милан Ристовски, Чурлинов и Македонија со младоста додаде гас.


Милан Ристовски со удар со глава во 74.минута зголеми на 3-0, а само две минути подоцна и Дарко Чурлинов се запиша меѓу стрелците. Во 84.минута убава шанса имаше и Крсте Велкоски, но противничкиот голман успеа да одбрани.

Убав залет кон Букурешт, со аплаузи за хероите и скандирање на имињата на Пандев, Елмас, Алиоски, Ристовски, Николов…

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови